Вести Македонија Најважни

Пензијата не стигнува за сметки и лекови, за одмор да не зборуваме – скопските пензионери денеска за протест

По протестите на пензионерите во повеќе градови во државата, своето незадоволство од ниските пензии денеска го изразија и скопските пензионери. Велат дека со минимална пензија од 12.000 денари не се живее, не можат да се задоволат ниту нивните основни потреби, а ситуацијата е неиздржлива.

„Со минимална пензија од 12.000 денари не може да се преживее. Струјата е покачена, парното е покачено и водата и телефоните, а за храната да не зборуваме“, вели пензионерка од Скопје.

„Едноставно не може да се живее со толку пари. Луѓето не можат да се прехранат, не можат да си купат лекови, а да се отиде некаде на одмор тоа е веќе луксуз“, вели друга пензионерка.

Побараа линеарно покачување на пензиите и најавија масовни протести на сите пензионери на 14 август во Скопје доколку не се исполнат нивните барања.

„Висината на минималната пензија да биде во висина на минималната плата, а второто оправдано барање е да бидат покачувањата линеарни, а не процентуални. За сите пензионери да бидат по 3.500 денари, како за најмалите пензии, така и за најголемите“, побараа пензионерите.

Но, според поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, државата нема пари да ја покрие ниту сегашната исплата на пензии, затоа што  Министерството за финансии секој месец доцни со исплата на парите кон банките за предвремената исплата на пензиите, за што плаќа камати, но има се помалку средства за покривање на дупката во пензискиот фонд, состојба која ќе се продлабочува во иднина.

„Може да дојде во доцнење на исплатата на пензииите кое досега не било, но јасно ни е дека буџетот, владата, државата влегуваат во дефицити и во доцнење во извршување на обврските“, вели Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Од Министерството за труд и социјала ги отфрлаат тврдењата дека Фондот за пензиско е во криза и дека државата доцни со исплата кон банките. Од таму велат дека со измените на Законот за пензиско од лани во март и воведувањето на новиот начин на усогласување, пензиите пораснаа за околу 21 процент. Но, ниту едно од овие зголемувања не ја загрози стабилноста на Фондот и не ја наруши редовната исплата на пензиите

„Изминатите години нема ниту еден ден доцнење на исплатата на пензиите, а растот на истите е континуиран и јасно забележлив. Трансферите кон ПИОМ се навремени и сигурни, дури и во време на ковид пандемијата, кога започна првата предвремена исплата на пензиите“, соопштија од МТСП.

Пред неколку дена се огласи Партијата на пензионерите од каде велат дека барањата на пензионерите кои протестираат за враќање на усогласувањата како во време на ВМРО-ДПМНЕ, упатува на сомнеж дека оваа партија повторно манипулира со пензионерите во функцијата на нивната политичка агенда. Според нивните анализи, сегашниот модел на усогласување на пензиите кои ги следи трошоците за живот и пораст на платите е најреален и најповолен за сите корисници, со забелешка дека треба да се најде поповолно решение за минимланите пезнии, поради што веќе иницирале разговори со Владата за ново законско решние.

Емилија Мисирлиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Лага или вистина патот Градско – Прилеп траса за обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Дејан

Започна церемонија на Светиот оган во црквата на Светиот гроб во Ерусалим

Дејан Дејан

Уапсени четворица државјани на Македонија на Косово поради пукање, а еден бил баран со потерница

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе