Сто македонски војници од различен состав ќе заминат утре за Словенија и ќе се стават на располагање на словенечката армија за санирање на штетите од невремето и полавите што ја погодија земјата, најави министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Таа изрази жалење дека трагедијата низ која минува Словенија се користела за изнесување на разни шпекулации, лаги и невистини во македонската јавност, дека земјава доцни со помошта. Вели оти се внимавало да не се прави маркетинг од тоа и притоа објасни како тече процедурата во вакви ситуации.
„Од првиот момент по несреќата и поплавите во Словенија, стапивме во контакт со мојот колега, премиерот, претседателот на државата и сите министри и ја понудивме нашата поддршка. Од нивна страна беше одговорено дека штом ја направат анализата што им е потребно ќе бидат доставени барања и тие во текот на вчерашниот ден беа доставени. Веднаш вчера изреагиравме. Претседателот на државата во координација со началникот на Генералштабот и со мене денеска на седница на Влада ќе ја донесеме одлуката за упатување на сто војници од различен состав кои ќе одговорат на потребите на словенечката армија“, рече Петровска.
Министерката рече дека војниците се подготвени да заминат уште денеска, во текот на попладнето ќе ги посети и најрано утре сабајле ќе заминат, а денеска на седницата на Владата ќе биде донесена одлука, формален дел од процедурата.
Петровска додаде дека засега е тоа побарано, а другите технички средства кои биле побарани, материјална техничка поддршка, во моментот државата не е во можност да одговори.
„Во иднина ако се испратат барања на кои ќе можеме да одговориме, ќе одговориме“, кажа министерката.
