Премиерот Димитар Ковачевски побара национален консензус за уставните измени кои се предуслов за одржување на втората меѓувладина конференција и практичен почеток на преговорите со Европската Унија (ЕУ). Опозицијата, пак, останува на ставот дека уставни измени под бугарски диктат не прифаќа. Ставовите се непроменети, а дали тоа ќе се потврди или не јавноста ќе дознае за помалку од две недели кога ќе почне седницата за утврдување на потребата за уставни измени закажана за 18 август.
„Пратениците сега имаат, би рекол најважна задача, а тоа е да обезбедат европска иднина и перспектива на земјата на граѓаните кои им го дале мандатот. Не само Владата, не само опозицијата, туку целото општество, треба да сме посветени на евроатлантските интеграции на Северна Македонија. Потребен ни е национален, општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Северна Македонија да стане членка на ЕУ“, нагласува Ковачевски.
Седницата за уставни измени почнува на 18 август, а Ковачевски очекува, како што вели, искрена, квалитетна и плодна парламентарна дебата „низ која ќе се разјаснат сите аргументи, со цел сите заедно да дојдеме до една натпартиска одлука, каква што ни доликува, а со која ќе ја покажеме нашата сериозност и одговорност пред моментумот кој тешко дека ќе се повтори“.
Во однос на можноста за нови блокади од Софија и доколку се донесат уставните измени Ковачевски е на став дека понатамошните барања ќе се однесуваат на реформите.
„Така што нема простор да размислуваме во насока дека влегуваме во вртлог на нови барања. Барањата понатаму ќе се реформи. Процес во кој ние се трансформираме и повторно ќе носиме сериозни и тешки одлуки кои ќе обезбедат подобар живот за граѓаните“, нагласува премиерот.
ВМРО-ДПМНЕ реагираа нагласувајќи дека остануваат на ставот дека консензус за уставни измени под бугарски диктат не е можен и оти единствено е можен консензус за избори. Од партијата во прилог на својот став наведуваат и дека „над 80 проценти од граѓаните, јавноста и експертите се против промена на Устав под бугарски диктат“.
„Тоа што е суштинско и што недостасува во ламентирањето на Ковачевски во интервјуто е зошто беше одбиен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за општествен и политички консензус пред да прифати преговарачка рамка со ЕУ со која Бугарија ќе има можност и ќе ја искористи таа можноста да ја блокира Македонија секогаш кога нема да бидат исполнети иредентистичките, антимакедонски диктати од Софија“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, во саботата објави видео на својот профил на Фејсбук со кратко објаснување, како што посочува, на суштината на преговарачката рамка за преговори со ЕУ, како одговор на бројните шпекулации поврзани со нејзината содржина.
Она што е поважно, потенцира меѓудругото Османи, е што во ниту едно од овие одредници, патокази или скалила во специјалниот дел од преговарачката рамка нема никаква референца или поврзаност со Договорот за пријателство со Бугарија, никакви референци по прашањето на работата на Историската комисија, ниту пак прегледите од член 12 од истиот Договор.
