Македонските власти се во постојан контакт со словенечките власти. За многумина се поставува прашањето зошто Македонија сè уште не испратила помош. Според првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути точно е дека Словенија во 2021 година ни помогна во справување со пожарите во Малешевијата, но таа помош стаса преку механизмот на Европската Унија за цивилна заштита и истиот механизам кој сега функционира подразбира Словенија да прати информација што во моментов е најпотребно.
„Веќе од вчера добив повик од кабинетот на министерот за надворешни работи (Бујар Османи) како РСМ може да помогне на Република Словенија со справување од последиците од поплавите и сме во координација. Во однос на тоа што е побарано сега за сега Дирекцијата за заштита и спасување за сега не поседува , ние поседуваме договори со фирми, ги договараме за одредени случаи во земјава, но за да можеме истиве да ги користиме надвор од државата потребно е Одлука на Владата и дополнителни средства од буџетот со кои истите треба да се пратат“, изјави Беким Максути, директор на Дирекција за заштита и спасување.
Вториот механизам е кога членка на НАТО ќе побара помош при катастрофи, контакт точка во Македонија во овој случај е Центарот за управување со кризи.
„Во овој случај од Словенија е побарано хеликоптер со поголема носивост, како и одреден број на војници. Армијата го разгледува барањето и ќе излезе во пресрет со одреден број војници, се разбира во координација со словенечката армија. Во текот на денешниот ден ќе знаеме колкав број на војници ќе бидат испратени во Словенија, доколку тоа и понатаму е потребно, затоа што важно е да напоменам дека преку овие два механизми се испраќа до сите земји членки на ЕУ и на НАТО, како и до оние што се во преговори“, вели Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.
Дека Македонија е подготвена да и помогне на Словенија по стравотното невреме , уште првите денови кажа и министерката за одбрана Славјанка Петровска, споделувајќи го својот став на социјалните мрежи.
Нина Стефанова
