Една по една министрите од ДУИ денеска ги депонираа своите оставки до премиерот Димитар Ковачевски, кои ќе бидат активирани доколку ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставните измени и тие стапат на сила. Артан Груби, Крешник Бектеши, Бујар Османи, Фатмир Бесими и Јетон Шаќири на седницата на владата која беше закажана точно напладне влегоа со потпишани оставките во своите раце. Дел од нив непосредно по поднесувањето на оставките на своите официјални фејсбук профили го објавија и самиот чин на потпишување на оставката, а Груби го објави и нејзиниот текс, во која меѓу другото се наведува:
„…Со оглед на неповолната состојба на опозицијата да гласа за уставни измени во Собранието, свесни за важноста на интеграцијата и достоинствената иднина на Република Северна Македонија, Ви ја доставувам, почитуван премиере, мојата оставка од функцијата прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, која ве молам да ја активирате откако опозицијата ќе ги изгласа уставните измени во Собранието “, се наведува во оставката на Груби.
Тој притоа не пропушта во оставката, освен на Ковачевски и граѓаните, да му се заблагодари и на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за довербата која му ја дале да биде дел од Владата.
Оставка од функцијата најави и претседателот на Собранието, Талата Џафери, кој во интервју за МИА вели дека би ја следел одлуката на ДУИ за повлекување од владата во замена за гласот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени.
„Зошто не би ја следел јас таа одлука ако оди во полза на она што е идејата на одлуката. Следствено, ако сите си одат зошто јас би инсистирал да останам“, вели Џафери.
Депонирањето на оставките на министрите и функцинерите од ДУИ за да се одоброволи ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени, од опозициската партија денеска повторо беа наречени како фолирање.
„ДУИ поднесуваат оставки за фолирање, ама од криминалот не се откажуваат“, вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Синоќа пак лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа изјави дека власта спроведува политика на купи ден – продај за да нема предвремени парламентарни избори. Тој притоа го повтори ставот дека уставните измени нема да поминат и ги отфрли како шпекулација информациите дека некој има влијание врз пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за прифаќање на уставните измени.
Од ДУИ пак се децидни дека се сериозни во намерата да и удоволат на сите барања на опозицијата во замена за зелео светло за промена на Уставот.
„Се што ќе побараат поврзано со уставните измени ние сме подготвени да го исполниме“, изјави вчера во интервју за Телма, Бујар Османи, МНР на Македонија и потпретседател на ДУИ.
Како што вели Османи и барањето на ВМРО-ДПМНЕ за избори ќе биде исполнето во истиот момент штом опозицијата гласа за уставните амандмани.
Тамара Грнчароска