Односите помеѓу различни навивачки групи ја отсликуваат состојбата на трибините, но не и релацијата помеѓу државите. Ова е ставот на македонското МНР од каде што јасно оценуваат дека секој обид преку навивачите да се донесе заклучок за односите помеѓу Македонија и Бугарија, е намерно за собирање на политички поени. Бугарски навивач на Левски беше прободен со нож и заврши болница, а снимките од завчера се доказ и за судирот на трибините помеѓу гостите од Бугарија и македонската полиција. Бугарското министерство за надворешни уште веднаш реагираше за прободениот бугарски државјанин. Стигна остра осуда и барање до нашите институции, за брза и ефикасна истрага, а потоа и одговорност.
Во Бугарија и од ова се обидуваат да извлечат поен – ваков е ставот изнесен во колумна на Катерина Блажевска, објавен на веб-медиумот „Призма“. Таа пишува дека соседите зборуваат само за права, ама не и за обврски.
„Зарем нивните граѓани кои доаѓаат овде на фудбалски натпревар или било што, немаат обврска за почит кон земјата домаќин, кон претставници на нејзините институции, во случајов кон полицијата? Или, од позиција на „европејци“ мислат дека овде им е дозволено да прават сѐ, па и да напаѓаат и да бидат агресивни кон полицијаците?“, е ставот на новинарката Катерина Блажевска.
Натпреварот помеѓу Шкупи и Левски беше со предзнакот на натпревар од висок ризик, а навивачката група од Чаир сега веќе има забрана да гостува во Софија на реваншот на 3 август, на кој домаќини ќе бидат Левски. Билансот од четврток е дваесетина приведени. Министерот за внатрешни работи Спасовски, вчера информираше дека веќе се идентификувани лицата кои прободеа бугарски навивач.
Петар Догов
