Вратениот директор во МЕПСО ќе треба да ја врати отпремнината, ако сака повторно да директорува. Ова е ставот на премиерот Ковачевски, по објавата на Телма дека во преносниот систем, како директор на ИТ сектор се назначува Томи Божиновски кој претходно од оваа функција бил разрешен и заминал со отпремнина.
Ковачевски вети дека на следната владина седница, ќе го повика менаџментот на компанијата, да ги образложат сите детали за случајот и да утврди дали постапката е законска.
– Не се работи дали е етички или не, се работи дали е законски или не е. Јас ќе ги повикам на следната седница на влада да ги покажат сите детали, ако не е според законот ако лицето работело на друго место зело отпремина и се вартило, треба да ја врати отпремнината бидејќи продолжува да работи во истата компанија. И дали ќе имаат нов кадар кој ќе може да го замени зошто е дефицитарна струка. И сите компании посебно од јавниот сектор имаат проблем со обезбеудвање на вакви раководни кадри, истакна премиерот Димитар Ковачевски.
Претходно и неговиот колега Битиќи, се изјасни дека ваквиот потег во МЕПСО е неетички и нелогичен. Од кабинетот на вицепремиерката Грковска, задолжена за политики за добро владеење, побарале од надзорниот одбор детално објансување за конкретниот случај.
Но, од кај Грковска се побарани и информации за тоа какви активности се преземени за наодите на Државниот ревизор во кој се укажува дека е неопходно да се преиспита потребата на право за исплата на отпремнина во менаџерските договори, имајќи предвид дека според законите се исплаќа единствено при заминување во пензија.
Антикорупционерите пак соопштија дека ако има пријава ќе отворат предмет за овој случај.
А експертската јавност излезе со став дека начинот на функционирање на друштвата во државна сопственост треба веднаш да се промени.
И додека од Владата изјавуваат дека ваквиот однос не е етички и чекаат објаснување од МЕПСО, лицето Томи Божиновски ја извршува фунцкцијата директор на ИТ секторот и е член на Упрваниот одбор. Ова го потврдија од компанијата.
Од свои извори, Телма претходно објави дека Томи Божиновски бил директор на ИТ секторот во МЕПСО, бил разрешен и заминал со оптремнина.
Според информациите тој потоа се вработува во Марнет, но по извесно време Надзорниот одбор во МЕПСО, повторно го назначува за дирекор на ИТ секторот.
И државниот ревизор пред извесно време констатираше дека раководителите во компанијата, директори и членови на Управни и надзорни одбори имале менаџерски договори за да земаат отпремнини во висина од 12 месечни плати на ниво на компанијата, по заминување од функцијата.
Ирена Чачкова
