Вести Македонија Најважни

Слупчане пружа отпор, екипите на ЕВН ниту со полиција не успеваат да ја реконструираат дистрибутивната мрежа

Жителите на Слупчане самоорганизирани, а екипите на ЕВН во меѓупростор. Едните на задача, другите со отпор. Тензии и кавги се случија денес во липковско Слупчане. Работниците од Електродистрибуција се обидоа да ја реконструираат дистрибутивната мрежа, а жителите јасно им порачаа.

Претседателот на месната заедница во Слупчане е дециден – државата има долг кон жителите, а не тие кон било кој. Шаини порача – најпрво крај на преговорите со шефовите од ЕВН, потпис на договор, а потоа ќе се работи на мрежата. Имаат неколку барања.

Жителите наведоа едно, а од ЕВН ја доставија целокупната листа од страна на жителите на Слупчане. Од населеното место со илјада куќи составиле вкупно тринаесет барања. Не прифаќаат мерните уреди да се поставуваат надвор од куќите, бараат сите новоизградени куќи да добијат бесплатен приклучок на мрежа, да се постави ограничена цена од 3.000 денари по семејство безразлика колку струја е потрошена и верските објекти да бидат ослободени од обврската за плаќање струја – ова се само дел од нив. Од ЕВН тврдат дека во милиони евра се бројат неплатените долгови, а кражбите на струја никако не се решаваат.

Од ЕВН утрово влегоа во Слупчане, но само со својата механизација и возила и потоа без збор си заминаа. Подоцна во денот се обидоа повторно, овојпат со асистенција на полицијата. Но, и покрај тоа – блокадата на патот беше јасна порака до работниците.

Претходно, збор дадоа и министерот за економија Бектеши и градоначалникот на Општина Липково, Арифи. Но, тоа остана само како ветување, а решение на проблемот нема ниту денес. Тоа уследи откако пред дваесет дена Слупчане се соочи со прекин во снабдувањето со струја, како резултат на сериозен дефект предизвикан од дивите приклучоци. Тогаш жителите се обидоа самите да го отстранат истиот.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицкоски: По прегласувањето во ИЕ 5 очекуваме обезбедување двотретинско мнозинство

Дејан Дејан

Исчезна хеликоптерот со кој летал иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Ганц му постави ултиматум на Нетанјаху, илјадници Израелци на антивладини протести во Тел Авив

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе