Сите пратеници дојдоа, сите членови на Комисијата за уставни прашања гласаа, но само 10 од вкупно 17 члена го поддржаа Предлогот за менување на Уставот. Ова мнозинство во Комисијата ќе бара двотретинска поддршка на пленарната седница на 18-ти август.
Премиерот Ковачевски порача дека ако уставните измени не минат, пристапниот процес на земјата ќе запре, а членството ќе биде одложено, поради што покажуваат загриженост и земјите членки на Унијата и на НАТО. Ги повика пратениците на разумност при носењето одлука.
ВМРО-ДПМНЕ останува против. Предложените уставни измени ги смета за понижување на Македонија, бидејќи европската интеграција зависи од бугарски диктат наместо од Копенхашки критериуми.
Опозициската БЕСА прашува дали менувањето на Преамбулата ќе ја смени позицијата на Албанците во Уставот, а владеачката ДУИ го смета за додадена вредност на една успешна демократија.
Првото собраниско соочување околу предлогот за менување на Уставот можеше да трае најмногу 10 дена, но заврши за 2 часа и 20-тина минути. Согласно договорот од координативната средба, дебата немаше, а говореа само премиерот како предлагач и 7 претставници на најголемите партии. Доколку на пленарката биде обезбедено двотретинско мнозинство, Владата ќе треба да го изготви текстот на нацрт-амандманите во рок од 15 дена. Доколку не, постапката ќе треба да прекине.
Соња Николовска
