Вести Македонија Најважни

Орце Камчев на „црната листа“ на САД поради корупција

Бизнисменот Орце Камчев заврши на „црната листа“ на САД.

„Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) назначи едно лице, Јордан „Орце“ Камчев, во Северна Македонија согласно Извршниот налог (E.O.) 14033. Денешното назначување ја нагласува континуираната посветеност на Соединетите држави за промовирање на одговорност за поединци и ентитети кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција и друго дестабилизирачко однесување“, се вели во соопштението на Стејт департментот.

„Г. Камчев ја злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи себична агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија“, рече Брајан Е. Нелсон, потсекретарот за тероризам и финансиско разузнавање во  Министерството за финансии на САД.

Тој нагласи дека „министерството останува посветено на повикување на одговорност на сторителите на корупција“.

Во официјалното соопштение американското Министерство го наведува и кривичното досие на Камчев кое според САД трае од почетокот на милениумот.

Бизнисменот Јордан „Орце“ Камчев (Камчев) интензивно се занимава со корупција, вклучително и злоупотреба на службената положба, перење пари и други прекршоци повеќе од една деценија, почнувајќи од раните 2000-ти години, наведено е во официјалното известување.

-Во 2022-ра година, Камчев беше осуден во судскиот процес „Плацеви на Водно“ за учество во шема за перење пари поврзана со незаконско купување земјиште. Во одвоено судење, Камчев се изјасни за виновен за тешка злоупотреба на службената положба во „Случајот Империја“, во кој беше осомничен за злосторничко здружување, измама, перење пари и други кривични дела поврзани со неговите бизниси, стои во соопштението на американското министерство за финансии.

САД не го „забораваат“ ниту неговото учество во случајот Рекет.

-Дополнително, Камчев го искористи своето коруптивно влијание и богатство за да манипулира со судскиот систем на Северна Македонија во негова корист. Во 2020-тата година, главниот обвинител на Специјалното обвинителство (СЈО) беше обвинет за примање поткуп од Камчев и сведочеше дека Камчев платил пари во замена за поволни услови за апсење и исход на случајот. Камчев подоцна покрена граѓанска постапка против главниот обвинител и другите, тврдејќи дека му вршеле изнуда. Граѓанскиот суд во Скопје пресуди дека Камчев не е жртва и нема право на надомест на штета, наведуваат од Финансии на САД.

Камчев од Вашингтон е посочен за тоа што „после скандалот СЈО пропадна. Како резултат на тоа, многу случаи на корупција на високо ниво кои СЈО ги истражуваше, остануваат нерешени и стагнираат,  (а на тој начин) се одложува одговорноста за многу поединци кои се занимавале со корупција слична на Камчев.“

-Денеска, OFAC го назначи Камчев согласно актот Е.О. 14033 за учество или директна или индиректна вмешаност во, корупција поврзана со Западен Балкан, вклучително и корупција од, во име или на друг начин поврзан со влада на Западен Балкан, или актуелен или поранешен владин функционер на кое било ниво на влада во Западен Балкан, како што е злоупотреба на јавни средства, експропријација (одземање) на приватни средства за лична корист или за политички цели или за поткуп, опишува министерството за финансии на САД.

Американците му го блокираат имотот во САД, како и имотот на нему блиски лица и компании, но и сите финансиски врски со Америка, американски државјани и американски компании

-Како резултат на денешната акција, целиот имот и интереси во имотот на назначеното лице опишано погоре, кои што се во Соединетите Држави или во сопственост или контрола на лица од САД се блокирани и мора да се пријават на OFAC. Дополнително, блокирани се и сите субјекти кои се во сопственост, директно или индиректно, поединечно или збирно, 50 проценти или повеќе од едно или повеќе блокирани лица. Сите трансакции на лица од САД во (или кои транзитираат) во Соединетите Американски Држави кои вклучуваат каков било имот или интереси во сопственост на назначени или на друг начин блокирани лица се забранети освен ако не се овластени со општа или специфична лиценца издадена од OFAC или не се изземени. Забраните вклучуваат давање каков било придонес или обезбедување на средства, стоки или услуги од, до или во корист на кое било блокирано лице, или примање каков било придонес или обезбедување на средства, стоки или услуги од кое било такво лице, соопшти Министерството за финансии.

Секој кој има било какви финансиски врски со Камчев, сега кога е под санкции, исто така може да „настрада“, предупредуваат од Вашингтон.

-Дополнително, финансиските институции и други лица кои се вклучени во одредени трансакции или активности со санкционираниот поединец може да се изложат на санкции или да бидат предмет на извршно дејствие, се наведува во соопштението.

За неполн месец Камчев е втор македонски државјанин кој е ставен на американските црни листи поради корупција, злоупотреба на јавни фондови и попречување на правдата.

Претходно исто назначување, но со забрана за влез во САД доби градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, кој доаѓа од ДУИ партијата предводена од Ахмети.

ФОТО: Американците го сместија Камчев меѓу дилери на дрога од Белгија и Мексико

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе