„Соравија“ е центарот на новите бизнис потфати, но и го отпочнува цртањето на на братското бизнис стебло на следната генерација на фамилијата на Али Ахмети. Сите нови фирми со сопственици Ахмети имаат адреса во бизнис центарот кој го купува Дрин Ахмети. КОД на Телма вчера објави дека синот на лидерот на ДУИ, Шкумбин, неговите двајца братучеди Дрин и Бесиан и зетот за ќерка Смајлај имаат мрежа на фирми кои се занимаваат со приватен бизнис преку повеќе државни лиценци и финансиски субвенции добиени преку министерства и агенции раководени од луѓе од ДУИ. Финансиската полиција засега е единствена која ги проверува зделките на внукот Дрин Ахмети. Неговиот чичко Али, пак, уште синоќа по внатрепартиските избори рече дека не се сите ангели во ДУИ и повика да се истражат сите од партијата која ја води.
„Никој не е ниту под моја лична заштита ниту под заштита на ДУИ. Се што е законски треба да се почитува, се што е незаконско треба да се казни. Јас не може да забранам никому да има свои приватни бизнис ангажмани. Нека излезе било кој да каже дека е злоуптребена некоја институција,компанија во мое име, во име на Али, во име на мојата функција или во име на моја партија, тоа е веќе друго. Сум кажал дека не се сите ангели во ДУИ, но јас имам партиски, а не истражни органи. Ова е прашање за тие што се платени да истражуваат“, изјави Ахмети.
Опозицијата и натаму го напаѓа лидерот на ДУИ и партијата за корупција, а ДУИ денеска им возврати дека половина од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ се осудени или обвинети за корупција и криминал. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му порача на Ахмети дека семејството го користи во политички-бизнис цели на грбот на народот и со молк од СДСМ.
„Тие се обидуваат неколкумина буквално да ја окупираат Македонија и на тој начин, на грбот на народот, да станат милионери. Но, тоа беше стара амбиција. Сега е да станат милијардери. Тие, мислам дека во денари, се веќе милијардери на грбот на народот, а тука сериозно им асистира полтронскиот коалиционен партнер СДСМ“, изјави Мицкоски.
На Али Ахмети му тежи и членството на неговиот близок соработник Рамис Мерко на американската црна листа.Вели се треба да се истражи, а да се обвинува на крај и како лидер кој е дел од власта две децении бара меѓународни експерти да се справат со корупција. Од друга страна обвинителството уште истражува кои се корупциските гревови на Мерко во правосудството. Станува збор за обемен случај, за кој во обвинителството велат дека максимално посветено се работи и се анализираат сите преземни дејствија во предметите во кои како осомничен бил вклучен и Мерко. Се проверуваат издадени наредби дали се почитувале рокови и процедурите за истрагата. Обвинителството ги проверува предмет по предмет, а за Мерко има 6 активни истраги и засега неутврден број на затворени предистраги.
Миомир Серафиновиќ
