„My Name is Medeja“,на Народниот театар од Битола ја освои наградата за најдобро уметничко остварување на претстава во целина, на 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој завршува вечерва во Прилеп со доделување на наградите. Претставата ги понесе и наградите за најдобра режија- на Себастијан Хорват, за најдобра главна женска улога- на Илина Чоревска , за најдобра музика- за Драго Ивануша и за најдобар рекламен материјал- на Сашо Илковски.
Претставата на Драмски театар од Скопје „Чудна случка со кучето во ноќта“, исто така освои 5 награди : актерот Дамјан Цветановски- за најдобра главна машка улога, актерката Емилија Мицевска- за најдобра женска епизодна улога. Константин Трпеноски е награден за најдобра сценографија, Елена Вангеловска и Раде Василев, за најдобра костимографија, а Симон Симоновски за кореографија и сценски движења.
Турскиот театар од Скопје за претставата „Човек перница“ освои две награди. За најдобар млад актер „Трајко Чоревски“ е награден Хакан Даци, а за најдобра машка епизодна улога Дин Ибрахим.
Лидија Митоска-Ѓорѓиевска доби награда за современа сценска драматизација на претставата на Прилепскиот театар „Мистерија Буфо“, а Матеа Јанковска е добитничка на наградата за млада актерка во претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“, на Театарот за деца и младинци од Скопје.
Награда за најдобар драмски текст не е доделена.
Зад одлуките за наградите стои регионалното жири во состав: Јанко Љумовиќ од Црна Гора, претседател, и Милош Латиновиќ и Мирослав- Мики Радоњиќ од Србија.