Вести Македонија Најважни

Пендаровски ги потпиша Указите за 5-те Бехтел&Енка закони-тврди ја нема можноста за 60 часа долга работна недела

После црниот петок, прогласен од синдикатите за во Собранието, усвоените Бехтел&Енка закони, следуваше брз понеделнички потпис на Указите за сите 5 закони.

Претседателот Стево Пендаровски објави дека ги потпишал по консултација со своите правни експерти, а особено се задржа на законот за работни односи. Тврди дека никаде ја нема озлогласената формулација за 60-часовна работна недела и поради тоа го потпишал ова законско решение.

На прашањето на Телма, претседателот Пендаровски објасни дека овие измени се однесуваат на оние сезонски работи како што е градежништво, но не појасни дали новото законско решение ќе биде искористено и во други сезонски занимања и дејности.

-Синдикатот и неколку невладини организации минатата година кога беше донесен специјалниот закон го оспори целиот. Уставниот суд рече дека целиот закон е во ред освен член 12 каде пишува 60-часовна недела. Никому не оспорувам право и сега да поднесе и да каже дека ова мое толкување не држи. Таму освен што нема експлицитно кажано 60-часовна, ќе биде работна недела по работник, има една друга одредба која ми помогна со поддршка на моите советници, тврди Пендаровски.

-На пример членот 117 во ставот 2 зборува за тоа колку може да трае прекувремената работа (најмногу 8 часа во текот на една недела, најмногу 190 часа годишно) и вели освен за работи кои имаат специфичен процес на работа. Да преведам тука, зборуваме за патишта, знаете дека сезоната трае три до шест месеци максимум – јануари-февруари никој не поставува асфалт, така што на ниво на квартал или година, мое уверување е дека нема да се пробијат законските саати, го образложи својот став за потпишување на Указите, Претседателот Стево Пендаровски.

Кој смета дека Бехтел&Енка законите не се уставни, ќе може да ги предизвика на Уставниот суд, кој е крајната инстанца за прогласување на уставност на определни законски одредби, наведе Пендаровски и ја спомна и дебатата која според него не се одвивала со аргументи на конкретната тема.

-Сакам да укажам дека дебата од мал број субјекти беше употребена или злоупотребена за зголемување на и онака високата поларизација во нашето општество, што го оттргна фокусот од вистинските прашања поврзани со овие закони. Наместо дискусијата да се насочи кон придобивките и можните ризици во однос на проектот, јавната дебата се претвори во расправа за нашите стратешки евроатлантски ориентации и аспирации, наведе Пендаровски.

5-те Бехтел&Енка закони се дел од договорот потпишан со овој конзорциум за изградба на Коридорите 8 и 10Д.

Договорот уште не е објавен затоа што потписниците сметаат дека е деловна тајна, а опозицијата повикувајќи се на свиркачи,објавува информации за пенали доколку не се обезбеди 60 часовна работна недела на изведувачите на двата патни правци.

Контроверзниот и таен договор во скратена варијанта со помалку од половина страници е испратен на разгледување во Обвинителството, Антикорупциската комисија и во Собранието.

Пендаровски се наврати и на можноста за кандидатура за нов претседателски мандат откако и негови колеги од истото политичко крило (како министерот Оливер Спасовски) се јавува во шпекулациите како можен кандидат. Тврди дека со своите постапки па и овие поврзани со Бехтел и Енка не бара поддршка туку тера сопствен пат кој според него граѓаните можеле да го увидат во последните 4 години откако е во резиденцијата на Водно.

-Не сум калкулирал со поддршка никогаш. Слушам дека некои размислуваат и во една слична, малку модификувана насока – дали бидејќи ‘Бехтел и Енка’ се во заднина, јас ако потпишам, ќе ја добијам поддршката од Америка?! Тоа се детски анализи, никогаш немале втемеленост во реалноста, ако е нешто во прилог на граѓаните, го потпишувам, сосема небитно кој го предлага до мене. Ако е нешто спротивно на нивните интереси, кој и да се јави, не може да ми влијае, оцени Пендаровски.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Денеска ќе се одржат погребни ритуали за претседателот на Иран

Дејан Дејан

Берлин: Барањето за апсење на лидерите на Израел и Хамас дава лажна слика за еквивалентност

Дејан Дејан

Косовската полиција ги заплени средствата и ги затвори филијалите на српска Поштенска штедилница

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе