Култура

Нема интерес за домашните драми, кажа селекторката на МТФ „ Војдан Чернодрински“, соопштувајќи ја програмата

Девет претстави во официјалната натпреварувачка, седум од независна продукција, две од придружна програма и една дипломска претстава ќе бидат изведени на програмата на 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, што ќе се одржи од 9 до 16 јуни. Програмата  денеска во Прилеп ја соопшти Ана Стојаноска, директорка и селектор на фестивалот, кој годинава се одржува под мотото „Враќање дома“. Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Инферно“ на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, која е селектирана во официјалната програма. А, Српско народно позориште од Нови Сад ќе го затвори фестивалот со претставата „Последниот балкански вампир“, по текст на Дејан Дуковски, а во режија на Александар Поповски.

Од 52 одгледани претстави низ целата земја, во периодот од 22 септември 2022 до 10 мај 2023, Стојаноска ја конципирала програмата во четири различни целини: Официјална селекција, ОФФ актива, Независна продукција што игра македонски автори и Видеопрограма.

„Театар: радоста на играта или пркосот на креацијата“ е насловот на концептот што ги обединува избраните претстави.

  • Понудената слика низ македонските театарски институции покажа неколку важни елементи со кои се соочува денес театарот кај нас. Сликата не е унисона, ниту покажува дека постои сериозна стратегија што треба да е денес театарски идентитет. Најпоразително е тоа што нема интерес за поставување домашни драми. Предизвикот да се селектира програмата за ова издание на фестивалот беше огромен, затоа што сметав дека на најстариот и најзначајниот македонски театарски фестивал треба да се покаже денешната актуелна театарска практика низ еден сериозен концепт. Тој ќе ни покаже каде сме и до каде сме и концепт кој треба да нѐ замисли и сериозно да ја наметне потребата да создаваме подобар театар. Во суштина, она што доминира во овој мој избор е креативноста на актерската игра, автентичните режисерски естетики и интересот кон драмската и не само драмска продукција на познатите автори, т.н класици. Добро е што некои од тие класични дела се актуелизирани и контекстуализирани, што мислам дека е важно да се покаже – рече Стојаноска.

Во официјалната, натпреварувачка програма ќе бидат изведни претставите :„Чудна случка со кучето во ноќта од Сајмон Стивенс, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на Драмски театар – Скопје, Бесачи од Мартин Мекдона, во режија на Јавор Грдев, продукција на Македонскиот народен театар – Скопје, Инферно според Данте Алигери, во режија на Дејан Пројковски, продукција на НУЦК Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес, Мистерија Буфо според Дарио Фо, во режија на Андреј Цветановски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, Мy name is Medeјa според Еврипид, драматизација на Милан Рамшак Марковиќ, во режија на Себастијан Хорват, продукција на Народен театар – Битола, Три сестри од Антон П.Чехов, во режија на Кендрим Ријани, продукција на Албански театар – Скопје, Несфатената цивилизација од Добри Војников, во режија на Софија Ристовска, Народен театар – Охрид, „Роња, ќерката на ограбувачот од Астрид Линдгрен, во режија на Јакуб Максимов, Театар за деца и младинци – Скопје и Женска гардероба од Арношт Голдфлам, во режија на Наташа Поплавска, Театар Комедија – Скопје.

 Во придружната програма ќе бидат прикажани : „Човек перница“ од Мартин Мекдона, во режија на Сибел Абдиу, продукција на Турски театар – Скопје и „Циркус Пирандело“ според драми од Луиџи Пирандело, адаптација и режија на Бојан Трифуновски, продукција на Народен театар „Антон Панов“ – Струмица.

 Претстави на фестивалот од независната продукција , по текстови од домашни автори се:  Елегија во пет здива автор и режисер Филип Петковски, Заминувања – колективно авторство, режија на Драгана Гунин, независна продукција во соработка со Мировна продукција, Срам од Ангела Стојановска, режија на Милош Б.Андоновски, Продукција на „Тииит! Инк“, Скопјани“, според раскази на Оливера Ќорверзировска и колективно авторство на актерската екипа, режија на Милош Б.Андоновски, „Глум(и)ци колективно авторство и режија, продукција на „Артопија“, Подготвено според поезија и проза на Ѓоко Здравески, раскази на Елизабета Баковска, поезија на Блаже Конески и адаптација на сцена од „Трите високи жени“ од Едвард Олби, режија на Дејан Спасовиќ, продукција на „РКЦ РАКАТРАК“ и Are you crazy? (Улаф сте?) автор и режисер Јован Ристовски, продукција на „АТО Центар за современа уметност и култура“ – Битола.

Глобалната слика на денешната театарска практика покажува дека не постои сериозна репертоарна политика, ниту концепт во кој се развива една театарска институција, истакна селекторката Стојаноска во своето образложение на програмата.

  • Сметам дека главните создавачи на македонската театарска практика треба повеќе да се фокусираат на домашните драми, на актуелната театарска естетика и пред сѐ, секој режисер и директор на театар да го има предвид ансамблот со кој ја создава претставата. Од избраните претстави евидентно е дека недостига претстава работена според драма на македонски автор. За жал, тековната продукција понуди малку претстави од македонска драма, но затоа како уметнички директор го иницирав откупот на драми од македонски автори и повикот за претстави од независната продукција што игра македонски автори, кажа Стојаноска.

На прес-конференцијата беа соопштени и имињата на добитниците на наградата за животно дело на фестивалот. Тоа се актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски.

Стојаноска исто така ја најави програмата „Автор во фокус“, што прв пат се воведува на фестивалот. Годинава тоа ќе биде Коле Чашуле (1921-2009), драмски автор, писател, есеист, општествен деец.

Исто така, од денес е достапна и редизајнираната веб-страница на фестивалот www.mtf.com.mk, која ќе биде основа за информирање на публиката за 57. издание на фестивалот.

Тркалезните маси ќе бидат многу важен сегмент од ова издание на „Војдан Чернодрински“ и учесниците на фестивалот ќе можат да остануваат во Прилеп, толку колку што ќе можат, дополни селекторката на фестивалот Ана Стојаноска.

 

 

 

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

 МНТ со праизведба на  „ Хенгинг Араунд“, а Драмски театар со премиера на „ Хеда Габлер“

Дејан Дејан

Борба на највозвишеното и најниското во човекот, на отворањето на „Мајските оперски вечери“

Дејан Дејан

Диана Добрева: Културата е патот преку кој Бугарија и Македонија можат да се сплотат

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе