Заштитен шлем на тревникот пред Собрание, синдикални ќебапчиња пред Влада. Синдикатите ја симболизираа вечната борба за работнички права, незадоволни од најактуелните случувања во нашето општество. Наместо да одиме напред, ние се враќаме во минатото. Порачуваат синдикалните лидери, инспирирани од 60-часовната работна недела за работниците на коридорите 8 и 10Д.
Лути поради, како што велат, безобразното зголемување на платите на функционерите, наспроти „трошките“ за обичниот работник.
„Не може македонскиот работник со две илјади денари зголемување на платата да го издржи месецот, а некој со 78% зголемување на платата да си го тера месецот лежерно и убаво“, изјави Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.
„Со нашите плати остана само ќебап за работникот, а со нивните плати тие имаат бифтек на нивните трпези за Први мај“, рече Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати.
Синдикално „Уааа“ од 78%
Синдикатите масовно ја поддржаа борбата за права – со скандирања, пораки и транспаренти пред клучните институции како што се Владата и Собранието.
„Денес решивме од сите присутни само 20% да бидеме културни. Останатите 80% колку што тие си ги покачија платите – да ги поздравиме со едно големо УА! Да не забораваат дека со нашата пот го јадат нивниот леб и ги хранат семејствата. За нас немаше ниту 8% покачување на платите. Не им го забораваме ниту Предлог-законот за 60 часовна работна недела.“, истакна Иван Пешевски, потпретседател на ССМ за приватен сектор.
Еден од првите синдикалци кој речиси половина век води активна борба за работнички права и за овој Први мај испрати порака до луѓето – да нема поделби по политичка основа, затоа што кај работниците е силата.
„Ниту лева ниту десна опција – НЕ, туку синдикатот и работниците се првата опција. Време е сите да седнат на една тркалезна маса и да се здружат“, посочи синдикалецот Лазе Георгиевски.
Единствени во пораките, но поделени во присуството – двата синдикати протестираа одвоено и во различен термин.
Петар Догов
