Вести Македонија Најважни

1-ви мај во Македонија: од една страна „Бехтел&Енка“ со 60 часа работно време, инфлација и зголемени функционерски плати, од друга поголема минимална плата и ветување за општ колективен договор

Први мај, ден на трудот, празник кој до пред три децении беше основа на изразување на почит кон работникот, оваа 2023-та се слави со честитки од претставниците на власта, синдикални протести пред владата и со две различни гледишта на состојбата со работничките права и плати.

Први мај 2023-та кај работниците прво ќе се памети по тоа што од денеска функционерите ќе имаат поголеми плати и до 78 % повисоки по одлуката на Уставниот суд која многумина ја гледаат како контроверзна. Платата која ќе ја земат функционерите во мај ќе биде првата целосна плата со ова огромно покачување предизвикано од поништување на еден законски член.

Највисоките плати ќе добијат претседателите на државата, на владата и на Собранието по околу 2.260 евра плус по 0,5% од ова сума за секоја година стаж. Од друга страна минималната плата во ова година ќе биде речиси 7 пати пониска од претседателските во државата и изнесува 20.175 денари.

Според УПОЗ околу 70% од вработените во јавниот сектор се на ниво на минималната плата. Околу 80% работници во јавниот сектор се под просечната плата од нешто над 32 илјади денари нето.

– Ако зборуваме за работникот од приватниот сектор, тој со својот труд и пот некому му создал милиони, а од тоа не добил ништо, премалку е платен и не е ценет. Ако зборуваме за работникот од јавниот сектор, оние што нѐ лечат, нѐ бранат, пишуваат закони, се плукани и навредувани, живеат со потпросечна плата, и каде и да е, и тие ќе ја напуштат државата, предупредува Трпе Деаноски, претседателот на Синдикатот на УПОЗ во изјава за ДојчеВеле на македонски јазик.

Токму во празничката честитка на ресорната министерка Јована Тренчевска пак токму минималната плата и нејзиниот раст додека владеат социјалдемократите е прикажана како грижа за работниците.

-Минималната плата бележеше континуиран раст изминативе години, и тоа во 2017/2018 година се зголеми на 12,000 ден, во 2019 година на 12,507 ден, во 2020 на 14,500 денари, во 2021 на 15,194 ден, во 2022 година 18,000 денари и 2023 година 20.175 денари. Последното зголемувањето изнесува околу 13% и се должи на измените на законот за минимална плата, донесени во март 2022 година, и воспоставувањето на нова методологија, која е системско решение и кое значи постојан раст на минималната плата, потенцира министерката за труд и социјална политика во својата честитка.

Тренчевска во честитката посочува дека во моментот се води интензивен социјален дијалог за „нов Општ колективен договор за јавниот сектор, во финална фаза е новиот Закон за работни односи, а се работи на нов Закон за безбедност и здравје при работа и нов Закон за младински додаток.“

Но синдикалците сметаат дека овие ветувања се за во иднината, не за сегашноста на работничкиот статус нагризан пред се со се уште двоцифрената инфлација.

– Она што го нуди Владата со општиот колективен договор не е прифатливо за нас, бидејќи зголемување на платата ние би виделе за пет години, а и таа повторно ќе биде под просекот на државата, објаснува Деаноски во изјавата за DW.

Дента кога ќе почне да му стига повисоката месечна плата, честитка стигна и од претседателот Стево Пендаровски кој повтори дека треба да почитува работничкиот труд и постојано правата на работниците да се подобруваат.

-Треба постојано да ги преиспитуваме остварените права на работниците, да спречуваме нивна експлоатација, да размислуваме како да ги унапредиме за да донесеме поголем просперитет. Наша задача е да обезбедиме работниците да го имаат потребното образование и обука, да постои фер третман од работодавците, да ги отстраниме бариерите за целосно учество на работното место за граѓаните со попреченост. Да се посветиме на обезбедување можности за сите, бидејќи секој работник заслужува почит и има право на достоинствен живот, истакна претседателот Стево Пендаровски во првомајската честитка.

Неговиот кабинет е последната адреса на која би стигнал, доколку се усвои во Собрание, уште еден контроверзен предлог. А тоа е дел од пакетот таканаречени „Бехтел&Енка“ закони, оној што се однесува на можноста за воведување на 60-часовна работна недела. Министерката во својата честитка не го спомнува овој потфат произлезен од договорот за изградба на стратешките коридори.

-Како ресорно министерство чија надлежност е областа на трудот продолжуваме да вложуваме во обезбедување на поголема заштита и унапредување на правата на работниците, безбедни работни места и достојни услови за работа, вели Тренчевска во честитката.

Но во сенката на овој предлог и некаде меѓу чадот на распалените традиционални првомајски скари, синдикатот предупредува дека предлогот за можност за 60-часовно работно време е нешто како временска машина со дестинација далечно минато.

-Денес треба да се бориме за она за што се бореле работниците во Чикаго во 1886 година, а тоа е 40-часовна работна недела, вели претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

Миомир Серафиновиќ

22 работници ги загубиле животите на работните места минатата година – најголем дел од нив во Скопје

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Клековски: Водата за пиење во Гостивар ќе биде пуштена во употреба кога ќе биде апсолутно сигурна

Kristina Kuzmanovski

(Видео) Јорданов: По невремето најголема матерјална штета има Клиничката болница во Штип

Kristina Kuzmanovski

(Фото) Скопје по невремето – откорнати дрвја, кровови и огради по улиците и училишните дворови

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе