Вести Македонија Свет

Приказна за Фатмата, застрелана од полицијата при инцидент со криумчари на мигранти кај Гевгелија, а сопругот се уште не го видел нејзиното тело и вели дека била бремена

Фатмата имаше 23 години, настрада минатата среда кога македонски полицаец ја застрела додека според првичните полициски сознанија, криумчар на мигранти се обидел да го земе службеното оружје на полицаецот.

Првично беше објавено дека е застрелан мигрант, потоа дека загинала мигрантка, а невладината од Италија „Second tree“ ја објави приказната за неа на својот ФБ профил.

Таа беше личност, а целта на објавата е да се испрати порака до светот, оваа бегалка, мигрантка од Африка која загина во Македонија, да не биде заборавена.

Но се откриваат и други работи. Настраданата Фатмата патувала со својот сопруг Абу Бакар. По трагедијата на младата Фатмата, Абу Бакар бил однесен во камп и не успеал да го види телото на својата сакана. На активистите од Италија, Абу Бакар им кажал и дека пред два месеци, Фатмата му соопштила дека е бремена.

-Два месеци пред да биде убиена, Фатмата му кажала на Абу Бакар дека е бремена. Немале документи, ниту пари, па никогаш не направиле тест. Тој се уште не знае дали нивното прво дете починало со сопругата, објави „Second tree“.

Фатмата загина во колата во која бил и сопругот Абу Бакар.

-Таа го извикувала неговото име. Потоа тој молел да и помогнат. Снимката на која Абу Бакар ја прегрнува Фатмата, додека таа лежи на подот, умирајќи од прострелна рана –и залудно плаче повторувајќи го нејзиното име, едноставно е очајна и емотивно Ве празни. Потоа, тој бил врзан со лисици, го возеле неколку часа и бил оставен во притвор еден ден без информации за неговата сопруга. Му било понудено да го пуштат на граница, да продолжи кон Србија. Секако, тој сака да остане: „Сакам правда за Фатмата“, рече тој, пренесува италијанската невладина организација чии двајца членови се во Македонија за да му дадат помош на Абу Бакар кој веќе има и адвокат.

Тој сè уште не знае каде е телото на Фатмата и бара да го види нејзиното тело откако кобниот куршум ги раздели засекогаш. Абу Бакар ќе ја бара правдата за својата млада сопруга во Македонија.

По наредба на обвинителството во Гевгелија телото на Фатмата беше предадено на обдукција. Инцидентот во кој настрада Фатмата се случи минатата среда, двајца криумчари на мигранти се уапсени, но нема информации за истрагата и што е утврдено ниту пак е објавено каде и кому е предадено телото на младата жртва.

Фатмата заедно со сопругот и уште неколку мигранти само што ја преминала границата со Грција. Таму не и бил доделен азил којшто го побарала од грчките надлежни органи. „ја направија невидлива дека е неличност“.

Веднаш после македонската граница нашле превоз кон север и кон западна Европа, таа седнала на седиштето во автомобилот, но групата била откриена. Се случила физичката пресметка меѓу криумчарот и полицаецот, а Фатмата загина од испукан куршум при таа препирка.

-Таа беше личност. Беше топла, полна со ентузијазам и со радост. Доколку не знаевте, никогаш немаше да погодите дека Фатмата живее во бегалски камп. Таа имаше 23 години. Беше неверојатно полна со живот: секогаш подготвена да ја сподели својата сила и енергија, а многу сакаше да танцува. О, таа сакаше да танцува. Танцуваше и пееше „со сиот глас“, како што вели нејзината сестра Бинтија. Замислете ја вака, затоа што така ќе ја паметиме, раскажуваат од Второто дрво.

Била многу вљубена во сопругот Абу Бакар со кого се знаеле од мали нозе и меѓусебе се ословувале со зборовите „моето се“.

-Постојано вљубени беа блиску еден до друг, па ние се шегувавме и коментиравме „Се надевам дека некој ќе ме сака вака“, објаснуваат активистите на „Second tree“ кои имале контакт со нив во камп во северна Грција.

Сликата која ја објави организацијата им ја дал Абу Бакар. Последната која ја направил на саканата пред да заминат кон западна Европа. На патот и кога преминале во Македонија немале документи, па сликата и спомените се единствениот потсетник на младата жена.

Веднаш откако се зеле, Фатмата му кажала на Абу Бакар „Сега сите врати изгледаат затворени, но друга врата ќе ни се отвори. Иднината ќе биде добра“. Но последната врата, во Македонија се затвори засекогаш зад 23-годишната Фатмата.

„Сакам светот да знае (за неа)“, им кажал Абу Бакар на претставниците од „Second tree“ по трагедијата кога го прашале што му треба најмногу во моментот. Истото го барала и фамилијата на Фатмата – таа била најмладата од петте браќа и сестри во семејството.

-Во вестите ќе прочитате само за „млад мигрант“ кој настрада од полицијата, но луѓето кои ја сакаат Фатмата, сакаат и сите да знаат дека зад таа празна етикета се крие скапоцен и уникатен лик и карактер, велат од италијанската невладина организација.

Последниот пат кога разговарале со Маријату, мајката на Фатмата, таа побара од нас, побара од целиот свет: „Ве молам, немојте да ја заборавите“.

Притвор за двајцата криумчари од Скопје кои беа фатени со осум мигранти во Гевгелија

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Двајца загинати во директен судар на патот Штип-Радовиш

Дејан Дејан

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе