Вести Македонија Топ тема

Тренчовска во Топ Тема: Ваквото енормно зголемување на платите не е фер, ќе мораме да интервенираме

Зголемувањето на платите на функционерите, за жал, е одлука на Уставниот суд и јас лично не се согласувам. Мојата плата и платата на министрите се уште не е зголемена и бараме начин како сето тоа да го вратиме во првобитната состојба, изјави во вечерашната Топ Тема, министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчовска.

Таа оцени дека не е во ред наеднаш да се зголемуваат толку платите иако ако се погледне во просек и платите на пратениците и на министрите и сите избрани и именувани функционери, во регионот и пошироко, тие се најниски во нашата држава, додаде Тренчовска.

„Во 2014-та е изменет законот за платите на избраните и именуваните функционери. Зошто од 2014-та до 2023-тата година, Уставниот суд, кој може и по сопствена иницијатива да оспори и да разгледува одреден закон, зошто во овие 9 години не ја разгледа одредбата дали е уставна или не е уставна“ – праша министерката за труд и социјална работа.

Таа изјави дека со новиот колективен договор за вработените во јавниот сектор за кој се преговара со УПОЗ, ќе се цели да се усвои една методологија за платите за сите вработени во јавниот сектор, вклучително и избраните и именуваните функционери, без разлика дали тоа ќе се прави врз основа на минималната или просечната плата.

„Проблемот е што наеднаш се зголемува толку многу платата. Мене навистина ми е жал, ние во услови кога ја зголемивме минималната плата, ги зголемивме пензиите, воспоставувавме систем и наеднаш оваа одлука на Уставниот суд ни руши се. Ќе мораме да интервенираме и овде и кај платите на функционерите, затоа што вакво енормно зголемување, навистина не е фер“ – изјави Тренчовска во Топ Тема.

Таа повтори дека е на став дека треба да има една методологија за утврдување на платите на сите вработени во јавниот сектор, вклучувајќи ги и избраните и именуваните функционери, при што ќе се земат предвид коефициентите за сложеност за различните работни места.

„Прашањето е дали ќе се земе минималната плата или ќе се земе просечната плата. Ако во приватниот сектор се зема минималната плата, зошто јавниот сектор да е надвор од приватниот сектор и тука треба да ја имаме минималната плата со коефициентите на сложеност. Па дури и функционерите да им се усогласуваат платите со минималната плата“ –потенцираше Министерката Тренчовска.

Таа го изрази своето уверување дека економско социјалниот совет ќе заседава најверојатно наредната недела и лично се надева дека во мај ќе биде потпишан општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кои се пратениците кои ќе му се придружат на Мицкоски?

Дејан Дејан

 „ Парови “ во Драмски театар, за љубовта како жртва на проекциите на луѓето за себе си

Дејан Дејан

Израел одговара пред Меѓународниот суд на правдата за геноцид- Јужна Африка бара судот да нареди прекин на огнот во Газа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе