Одбележан стартот на изградбата на коридорот 8. Со свечена пригода и со поставена бина на автопатската делница Тетово – Гостивар веднаш после патарината удрен камен темелникот на трасата.
Интересно е тоа што конкретен проект нема, но вицепремиерот Артан Груби претходно рече дека проектот ќе се планира паралелно со изградбата. И додека владата сече лента, обвинителството за организиран криминал по допрен глас се реши да отвори предмет за контроверзите поврзани со надзорот.
„Арбериа дизајн“ е фирмата која ја организира денешната свеченост. „Арбериа дизајн“ е фирма која често ги организира владините настани. Лани беше ангажирана од Министерството за политички систем со кое раководи Артан Груби за прославата на годишнината од Рамковниот договор, а годината претходно и за прославата на Денот на албанската азбука. Таа стана и еден од најголемите играчи во бизнисот со учебниците по воведувањето на Кембриџ-програмата во 2014 година. Во 2015 г. беше најголемиот поединечен донатор на ДУИ.
