Вести Македонија Најважни

Индустријата трпи додека возовите се во мирување – проблемите на вработените го „успаа“ железничкиот сообраќај

Индустријата ќе почека, додека железницата мирува. Компаниите трпат загуби затоа што возовите не сообраќаат.

Причина е бојкототот на вработените од Железници-транспорт кои пред камерата на Телма велат – „преку глава им е“ од прекршени и неисполнети ветувања и од лоши услови за работа.

Задачите за нив остануваат исти иако недостасува кадар, не се платени доволно и немаат ниту каде да се пожалат.

„Во моментов, приоритет треба да биде зголемување за 30% на вредноста на бодот бидејќи неколкупати се зголемува минималната плата во овие две години. еднаш тоа беше случај лани, кога се зголеми на 18 илјади денари, а нам не нѝ се покачи ниту за денар. Годинава, минималната плата достигна до 20.175 денари, а кај нас сѐ уште не е донесена никаква одлука за покачување на платата“, изјави Тони Димовски, претседател на Синдикатот на машиновозачи на Македонија.

 

„Работиме со 32 вработени машиновозачи и со 14 помошници. А, со помалку од 80 машиновозачи, ние не можеме овој сообраќај да постигнеме да го задоволиме“ вели Венко Бојаџиски, машиновозач.

Телма праша како индустријата се справува со пречките во транзитот на стоките.

Спречено е секојдневното нормално функционирање на компаниите.

Повисоки трошоци, доцнење на испорака и огромни загуби заедно со пеналите поради непочитување на договори – ова се само дел од проблемите кои произлегуваат во недостаток на железнички сообраќај.

„Во моментов, чекаме официјална информација од МЖ Транспорт до кога може да се очекува надминување на тешката ситуација. Се надеваме дека раководството ќе успее да најде брзо решение по што ќе отпочне повторното функционирање на товарниот транспорт кој е од круцијално значење за Макстил“ – велат од Макстил.

Дел од вработените не го знаат ниту кој е новиот директор на Железници-транспорт. Никогаш не го виделе, ниту се сретнале со него.

„Вработените во Македонски железници – Транспорт велат дека проблем за нив се и честите директорски смени. Штом воспостават комуникација со еден директор, веќе за шест до седум месеци има нов човек на водечката позиција и одново течат преговори и разговори за важните прашања околу нивните работнички права.“

Зуљхајрат Демири е новопоставениот директор.

Доаѓа од редовите на Алијанса, а прва задача за него ќе биде да се справи со незадоволството на вработените.

Нешто што веќе е пракса во ова претпријатие, велат работниците – штрајк за добредојде, но и за довидување на директорите на МЖ-Транспорт.

Петар Догов 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мал бетонски објект, метална врата и катанец како единствена заштита – до Комората во Вруток може да пристапи кој сака

Sasko Dimovski

Рокас повика на постигнување на консензус за носење на клучните закони

Sasko Dimovski

Штипската болница привремено нема да прима пациенти со скршеници – невремето оштети дел од покривот на Ортопедија и операционалата сала

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе