Денеска официјално заврши сезоната во ски скокови. На последниот натпревар, словенечка доминација на Планица. Од првите шестмина дури четворица се домашни натпреварувачи. Гранеруд и официјално по втор пат стана светски шампион во генерален пласман.
Денеска триумфираше Словенецот Тими Зајц со скокови од 232,5 и 234 метри или вкупно 455,1 бод. Зад него финишираше сонародникот Анже Ланишек со само 0,1 бод послаб резултат, додека трет беше Штефан Крафт.
Токму Австриецот со овој резултат ја обезбеди титулата во ски летови пред севкупниот победник Халвор Егнер Гранеруд, кој освен Големиот кристален глобус се закити и со титулите на турнејата „Четири скокалници“, како и „Ро Еир“, како најдобар на норвешката турнеја.
Норвежанецот сезонава инкасираше и најмногу пари од наградниот фонд или вкупно 444.800 швајцарски франци.
Во тимското рангирање на крајот од сезоната Австрија е најуспешна нација со 7.093 поени пред Норвешка и Словенија.
