Министерството за труд и социјална политика и останатите надлежни институции дури сега откако телевизија Телма го обелодени случајот со Никола ги преземаа работите во свои раце. Никола е еден од членовите на семејството Крстевски кои се лица со посебни потреби. Брзата помош го остави Никола на клупа пред влезот на зградата каде живее со изговори дека не можат да го качат до неговиот стан кој е на четврти кат бидејќи имал прекумерна тежина. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека вчера извршиле увид во домот на Никола.
„Tаткото зема пензија, а синот Никола зема семејна пензија. Досега не користеле финансиска помош од Центарот за социјални работи, сега се земени податоци и упатени се за тоа кои права им следуваат“, велат од Министерство за труд и социјална политика.
Освен Никола и останатите членови од неговото семејство во Македонија има над 65.000 лица кои сe со посебни потреби. Соседите на Никола со години правеле напори, но не успеале да направат ништо. Велат дека и тие имаат низа проблеми поради семејството Крстевски, а надлежните институции молчат.
„Имаме побарано помош од сите институции, од Општина Скопје, Општина Карпош, на секоја врата имаме тропнато, а досега никаква помош од никого немаме добиено“, вели еден од соседите на Никола.
Според закон, парична помош им следува на сите лица кои имаат некој вид на попреченост, а сумата зависи од видот на попреченост.
„Доколку се утврди дека степенот на попреченоста одговара на критериумите дадени во законите секако дека им следува тоа право. Јас ги повикувам сите кои знаат семејство кое не користи право, а им следува да ги упатат во Центрите за социјална работа“, вели Душан Томшиќ, советник за социјална заштита во МТСП.
Бирократизираноста и тромоста на институциите ги остава лицата со попреченост без пари и помош од државата.
Тамара Марковска
