Вести Најважни Свет

Путин: Западот е виновен за војната во Украина, ние користиме сила за да ја спречиме

Рускиот претседател Владимир Путин го обвини Западот за војната во Украина, додека неговата земја користи сила да ја запре. Во годишното обраќање до нацијата, но и светот, тој рече дека Русија не е во војна со украинскиот народ кој, како што истакна, станал заложник на киевскиот режим. Путин потенцира дека руската страна покажала трпение и сторила сè за решавање на проблемот по мирен начин, меѓутоа, како што истакна, зад грб ѝ се подготвувало друго сценарио.

„Сакам да повторам дека тие ја започнаа војната. Ние употребивме и употребуваме сила за да ја спречиме“, рече Путин.

Путин нагласи оти е неопходно да се отпочне и со масовно производство на ново вооружување. Пред присутните порача дека Западот, освен воено, е во војна со Русија и економски, а за оние кои воведоа санкции на неговата земја, рече дека се самоказнуваат.

„Офицерите на националистичките баталјони беа обучени во западните академии и училишта. Тие (западните земји) ги снабдувале со оружје. Сакам да истакнам дека Киев имаше разговори со Западот за испорака на системи за противвоздушна одбрана, борбени авиони и друга тешка опрема пред почетокот на специјалната воена операција. Се сеќаваме на обидите на режимот во Киев да добие нуклеарно оружје. Тие јавно зборуваа за тоа. САД и НАТО забрзано ги распоредија своите армиски бази во близина на границите на нашата земја“, порача Путин.

Трчањето по Западот го нарече бесмислено оти води кон духовна катастрофа. За западните земји рече дека шират лаги и дезинфорации и никогаш нема да признаат дека газат по туѓата чест за што како примери ги посочи поранешна Југославија, Либија, Сирија, Ирак. Според него, целта на западната политика е всадување на неолиберални тоталитарни вредности.

„Тие се однесуваа несовесно, дволично кога ги уништуваа Југославија, Ирак, Либија и Сирија. Тие никогаш не можат да го измијат тој срам. Дефинициите за чест, доверба, пристојност не се за нив. За многу векови колонијализам, диктат, хегемонија, тие се навикнати на тоа дека се им е дозволено. Тие се навикнати на фактот дека не се грижат за целиот свет“, истакна рускиот претседател.

Во однос на плановите, Путин истакна дека Русија во иднина ќе гради нови логистички коридори и ќе развива внатрешни рути кон Азија. Посебно внимание ќе се посвети на меѓународниот коридор „Север-Југ“, на „Транссибирската железница“, на Северниот морски пат, бидејќи, како што рече, Русија има право да биде силна.

Салата во која Путин го одржа својот, речиси, едночасовен говор беше исполнета со пратеници од двата дома на рускиот парламент. Меѓу присутните беше и патријархот на руската православна црква, Кирил.

Од синоќа на полноќ беа воведени строги безбедносни мерки во центарот на Москва, околу Федералното Собрание, каде претпладнево по средноевропско време се обрати Путин. Областа околу московскиот Гостини Двор беше оградена и затворена за јавноста.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Астра Зенека призна дека нејзината вакцина против Ковид-19 може да предизвика несакани ефекти

Дејан Дејан

Тошковски: Љупчо Палевски ќе биде екстрадиран најбрзо што може

Дејан Дејан

Земјотрес од 4,3 степени утрово во Србија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе