Вести Најважни Свет Топ вести

Столтенберг: Проектилите ги истрела Украина, но виновна е Русија

По американскиот претседател Бајден, попладнево и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, потврди дека ракетите кои експлодираа на територијата на Полска синоќа, убивајќи двајца цивили, не биле истрелани од Русија, ниту пак се резултат на намерен напад.

Според Столтенберг, нема никакви индикации дека Русија подготвува офанзивни воени дејствија против НАТО.

Генералниот секретар на Алијансата, сепак, е првиот високо рангиран западен лидер кој официјално потврди дека ракетата која експодираше во Полска, заканувајќи се да ги детонира и односите меѓу Русија и НАТО, била истрелана од Украина. Сепак, според Столтенберг, тоа не значи дека Украина е виновна за инцидентот.

„Нашата прелиминарна анализа сугерира дека инцидентот најверојатно беше предизвикан од проектил на Украинската против-воздушна одбрана, истрелан во одбрана на украинската територија против нападите со руски крстосувачки проектили. Но, дозволете ми да бидам јасен. За ова не е виновна Украина. Крајната одговорност е кај Русија, додека продолжува со својата незаконска војна против Украина“, рече Столтенберг.

Претходно и американскиот претседател Бајден потврди дека проектилите кои експлодираа на територијата на Полска најверојатно не биле истрелани од Русија, во обид да ги смири тензиите од можна ескалација на војната во Украина во судир меѓу НАТО и руската федерација.

„Господине Претседател, дали е премногу скоро да се каже дали проектилите биле истрелани од Русија?“, беше прашан Бајден од новинарите.

„Имаме прелиминарни информации кои го оспоруваат тоа, не сакам да кажам дефинитивно додека немаме целосна истрага. Малку е веројатно, земајќи ја предвид траекторијата дека биле истрелани од Русија, но ќе видиме, ќе видиме“, одговори американскиот претседател.

Русија, уште синоќа, веднаш ја отфрли одговорноста за инцидентот во Полска, оценувајќи дека станува збор за намерна провокација.

Портпаролот на Путин, Дмитри Песков, му оддаде редок комплимент на американскиот претседател, Џо Бајден, за неговата, како што рече, воздржана реакција.

Што се однесува до инцидентот во Полска, Русија немаше апсолутно ништо со него. Сведоци бевме на уште една хистерична, неразумна, русофобна реакција која не беше базирана на вистински информации. Би сакал уште еднаш да посветите внимание на воздржаната реакција на Соединетите држави, како контраст на апсолутно хистеричната реакција на Полската страна и повеќе други земји.

По веста за жртвите во Полска, синоќа почна лавина вести дека руски проектили нападнале цели во членка на НАТО, итно беа закажани седници на националните совети за безбедност на Полска и Унгарија, се споменуваше членот 5 на повелбата на Северноатлантската алијанса, кој наједноставно може да се опише со зборовите – „сите за еден, еден за сите“, односно ако е нападната една членка на НАТО, нападнати се сите.

Украинската армија, во текот на вчерашниот ден очајнички се обидуваше да  одбрани од страотниот руски ракетен бараж врз градовите и енергетскиот систем на земјата. Речиси 100 проектили беа истрелани врз цели во Украина, пред се врз енергетскиот систем на земјата. Претседателот Зеленски потврди и дека жестоките руски напади оставиле над 10 милиони жители на државата без струја, вода и греење, додека температурите се се поблиску до нулата.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мавровското Езеро порибено со 460 килограми крап во пресрет на Светското првенство во спортски риболов

Tea Dimkovska

Скопјанка се сомничи дека како претседателка на Комисијата за одгледување канабис не спроведувала контроли кај правно лице од Свети Николе

Tea Dimkovska

Парализиран маж по три години повторно почувствува допир

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе