Предводникот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски на денешната прес конференција го соопшти списокот на играчи за претстојните дуели од Лигата на нации против Грузија и Бугарија.
Македонија се уште има шанса за освојување на првото место во групата, но за да ја исполниме оваа цел потребна ни е победа од најмалку три гола разлика на гостувањето во Тбилиси и триумф во последното соочување со Бугарите во Скопје.
“Не случајно на списокот се наоѓаат 27 фудбалери. Имаме многу проблеми и непланирани работи што се однесува до здравствената состојба и формата на неколкумина фудбалери. Не сум задоволен од тоа и од таа причина се повикани толку фудбалери. Исто така, дел од играчите немаат клубови, неколкумина што се вели, пред некој ден најдоа клуб, а за формата да не говорам. Сите мора да ја подигнат формата во која се наоѓаат. Ние дојдовме на едно ниво што можеби е изненадувачки високо не само за нашата јавност, туку и пошироко и на сите сега ни е обврска да останеме на ова ниво, со тенденција да бидеме подобри”, истакна Милевски.
Тој потенцираше дека мораме да се обидеме да ја искористиме шансата за освојување на првата позиција, но и дека овие натпревари се користат за формирање на тимот кој ќе го носи товарот во претстојните квалификации за Европското првенство.
“Овие момци веќе редовно не изненадуваат, посебно кога тимот се соочува со проблеми. Момците секогаш покажуваат дека се во состојба да се стават во функција на тимот. Тие проблеми ни даваат дополнителен мотив и додека постојат шанси ќе дадеме се од себе да се бориме за највисок пласман. Овие мечеви во Лига на нации ги користиме за дооформување на ликот на тимот за тоа како треба да изгледа во иднина”, продолжи селекторот.
Милевски истакна дека во моментов неизвесен е настапот на Дарко Чурлинов, а образложи зошто некои од фудбалерите не се наоѓа на поширокиот список.
“Во однос на здравствениот билтен, имаме проблеми со Дарко Чурлинов, треба да оди на дополнителни прегледи и потоа ќе ја знаеме состојбата, но јас се надевам дека ништо не е сериозно. Што се однесува до Илија Несторовски, тој е играч кој има многу дадено за Македонија и моментно не заслужува да го повикам само за да игра пет-десет или 15 минути. Несторовски кога ќе биде повикан планирам да го користам со максимална минутажа, а во моментов Милан Ристовски и Бојан Миовски се во предност зашто се во подобра форма”, заврши Милевски.
ФОТО: Игор Паневски

