Службата за односи со јавност на Владата на Косово соопшти дека премиерот Албин Курти попладнево во 15 часот ќе ги прими специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак и пратеникот за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кои се во официјална посета на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Претходно, според најавите, европскиот и американскиот емисар ќе бидат примени од претседателката на Косово, Вјоса Османи.
По средбата со Курти, за во 16 часот свикан е состанок на Лајчак и Ескобар во седиштето на ЕУ во Приштина со лидерите на најглолемите опозициски партии на косовските Албанци. На оваа средба ќе учествуваат уште еден евро-дипломат, како и американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер. Од опозицијата се очекува да присуствуваат лидерите на Демократската партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднината на Косово, односно Мемли Красниќи, Љумир Абдиџику и Рамуш Харадинај, со по уште еден член на партиските раководства.
Емисарите на ЕУ и САД престојуваат во Приштина, од каде подоцна ќе отпатуваат за Белград, во обид да постигнат договор меѓу Косово и Србија во пресрет на 1 септември, за кога косовските власти најавија дека ќе почнат да ги спроведуваат мерките на реципроцитет кон Србија во однос на регистерските таблички и патните документи.
