Вести Свет

Климатските промени ја зголемуваат опасноста од топлотни бранови, суши, пожари но и поплави

Ова е навистина долго и топло лето во Европа но и другиот дел од светот.

Рекордно високи температури беа измерени во повеќе земји, кои се соочуваат и со невообичаено долги суши додека овие временски услови помогнаа за избувнување на голем број шумски пожари.

Вината за ваквите временски прилики научниците ја гледаат во климатските промени.

Топлотните бранови станаа многу почести во споредба со пред-индустриското време.

Но дури и ако се земат предвид екстремните временски прилики, оваа година сепак е вистински шок за системот.

„Имаше и други жешки лета, други летни суви месеци. Ова лето со соочивме со рекордно високи горештини во Велика Британија, во Франција и северна Германија, Данска. Исто така гледаме рекордно ниско ниво на водата во реките ширум Европа. Оваа комбинација е навистина необична. Покрај тоа имаме и шумски пожари, што е многу необично“ – вели Др. Вики Томсон, климатски научник од Универзитетот во Бристол.

Иако најекстремните временски последици на топлотните бранови се гледаат во летото, повисоки од просечните температури во зимата исто така може да имаат тешки последици на екосистемите, особено на земјоделието.

Екстремните горештини исто така убиваат. Иако нема дефинитивни бројки за влијанието на високите температури врз вишокот смртност, без сомнение најзагрозени се повозрасните луѓе како и луѓето со хронични заболувања.

„За човековото здравје, горештините се најголем ризик. Кога ги имаме овие топлотни бранови, имаме и голем број смртни случаи, за жал. Една добра работа околу смртните случаи заради горештините е дека тие може да се спречат. Образованието и препознавањето на знаците од стресот од горештините во голема мерка можат да ги намалат смртните случаи. За сушите, смртните случаи се помалку очигледни, помалку брзи“ – додава Томсон.

Во Италија, нивото на водата во најголемото езеро во државата, Гарда е драматично спуштено, при што на површинат се гледаат карпи кои најчесто се целосно под вода.

Ова е се почеста слика ширум Европа и појава која веројатно ќе стане редовен настан во секое наредно лето.

Доколку човештвото сака да има доволно вода, светот ќе мора да се адаптира. За таа цел неопходна е реакција од владите кои мора да се прилагодат на новите околности.

„Кога мораме нешто да направиме, нашата историја како вид покажува дека ние сме навистина многу, многу добри да го направиме тоа. Јас ги повикувам политичарите во светот да го погледнат ова, последните неколку месеци и сериозноста на овие временски настани и последиците врз луѓето. Време е нешто да се направи. Крајно време е за тоа“ – оценува Др. Лоренс Венјнрајт од Универзитетот во Оксфорд.

По горештините доаѓа и опасноста од поплави. Во Велика Британија, по двата бранови со екстремни горештини, поројните дождови во државата го зголемуваат ризикот од поплави, бидејќи земјата е премногу сува за да ја апсорбира водата.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пожарите се приближуваат до Бордо, евакуирани стотици илјади луѓе

Kristina Kuzmanovski

Забрана за пиење вода во Булачани, СДСМ бара итни анализи

Kristina Kuzmanovski

Ребаланс на буџетот: Дефицит над 750 милиони евра

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе