Во Брисел заврши првата трилатерална средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ, косовскиот премиер Албин Курти и европските посредници во дијалогот Жосеп Борел и Мирослав Лајчак, по што веднаш започна втора одвоена средба на Вучиќ со Борел и Лајчак.
На трилатералната средба присуствуваше и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Меѓувреме српските медиуми информираат дека Вучиќ од Брисел веќе договорил средба со Србите од Косово. Средбата треба да се одржи в недела во 11 часот во палатата „Србија“, а поканети се сите политички и институционални претставници на Србите од Косово и Метохија.
Вучиќ и Курти вчера средба имаа и со генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг кој повика проблемите да се решат низ дијалог и порача дека доколку стабилноста на Косово биде загрозена КФОР е подготвен да интервенира.
