Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во Лвов на заедничка средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе ја испитуваат можноста за изнаоѓање решение на конфликтот со Русија по дипломатски пат. Сепак дел од експертите во ОН се скептични во однос на преговорите за прекин на огнот. Сметаат дека основен предуслов за тоа е двете страни да не се во можност да освојуваат територии и притоа се дистанцираат од целта за победа.
Денес, многу луѓе мислат дека само владите се важни. Но, напротив, сè повеќе, придонесот на граѓанското општество и придонесот на академската заедница се суштински во развојот на современите демократии, изјави Гутереш од Лвов каде го посети најстариот Национален универзитет на Украина, Иван Франко, пред закажаната средба со Зеленски и Ердоган.
Меѓувреме продолжуваат жестоките судири меѓу двете страни, а најкритично е во областа Запорожје каде се наоѓа и најголемата нуклеарна централа. Двете страни со денови меѓусебно се обвинуваат за нападите околу нуклеарката како и за можноста од преизвикување нуклеарна криза. Украина сака да ги поврати загубените територии, а украинскиот воен експерт Олех Жданов го предупреди Зеленски дека ако сега се согласи со прекин на огнот, ќе падне во руска стапица.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во разговор со шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба ги осуди руските акции во и околу украинската нуклеарна централа Запорожје, а Министерството за одбрана на Русија пак денеска обвини дека Киев за утре подготвува провокација во нуклеарната централа Запорожје за време на посетата на генералниот секретар Антонио Гутереш на Украина, при што Русија би била обвинета дека направила вештачка катастрофа во електраната.
На 19 август, единиците на 44-та артилериска бригада на украинските вооружени сили планираат да извршат артилериски напади на територијата на нуклеарната централа Запорожје од стрелачки позиции лоцирани во градот Никопол. Вината за нејзините последици ќе биде лоцирана на руските вооружени сили, информира портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков.
Русија предупредува дека во случај 25 отсто од содржината на барем еден реактор да биде ослободена за време на провокацијата на Киев во нуклеарната централа Запорожје, радиоактивни материи ќе ги покријат Балтичките држави и Скандинавскиот Полуостров. Се закани дека размислува централата да биде затворена
Нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, е под контрола на руската армија и во изминатите неколку дена, според руската страна, режимот во Киев извршил неколку напади врз областа на нуклеарната централа користејќи беспилотни летала, тешка артилерија и повеќеракетни фрлачи.
Некои од проектилите ја погодија инфраструктурата на нуклеарната централа, вклучително и капацитетите за складирање на нуклеарен отпад.
Александар Петрески


