Конгресменката од редовите на Републиканската партија Лиз Чејни, која членуваше во конгресната комисија за истражување на улогата на поранешниот претседател на САД Доналд Трамп во настаните околу упадот на демонстрантите во зградата на Конгресот на 6 јануари минатата година, ја изгуби номинацијата на партија за нов мандат. Жестоката критичарка на Трамп, и ќерка на Дик Чејни, поранешниот потпретседател на САД во администрацијата на Џорџ Буш, беше убедливо поразена од релативно непознатата противкандидатка Хариет Хагеман, која беше поддржана од Трамп. Поразената Чејни ги повика републиканците да направат се што можат, за Трамп кој најавува нова кандидатура на следните претседателски избори, никогаш повеќе да не ѝ се доближи на Белата куќа.
Ова е борба на сите нас. Јас сум конзервативна републиканка. Длабоко верувам во принципите и идеалите врз кои мојата партија е основана. Ја обожавам нејзината историја и тоа што нашата партија го застапува. Но, мојата земја ја сакам повеќе, изјави по поразот Чејни.
Интересно е што само двајца од 10-те републиканци во Конгресот кои гласаа за импичментот на Трамп, ги задржаа своите мандати. Црните кампањи кои ги водеа поддржувачите на поранешниот претседател придонесоа четворица од нив комплетно да се повлечат од политиката, додека четворица изминативе денови беа поразени на прелиминарните избори.
Над 70 проценти од Вајоминг гласаше за републиканците на последните претседателски избори а таа се сврте и гласаше против нас. Таа е наш претставник, а не самостоен, изјави еден од републиканците кој гласал за Хагеман.
Чејни беше последната која ја загуби својата функција во Конгресот. Во исто време, со поддршка на Трамп, враќање во политиката сериозно најави и поранешната гувернерка на Алјаска и кандидатка за потпретседател во 2008 година. Таа ги помина прелиминарните избори, и на гласањето во ноември ќе биде еден од четирите кандидати од Алјаска за Претставничкиот дом.
Игор Трајков
