Годишното академско рангирање на универзитети, познато како Шангајска листа, ги зацврсти на врвот најдобрите високообразовни институции во светот. Прескокнати се сите македонски универзитети и за ниту еден од нив немаше место помеѓу најдобрите илјада.
Најдобар универзитет во светот е американскиот Харвард. На второто место следи „Стенфорд“, па „Технолошкиот институт во Масачусетс“, „Кембриџ“ е на четвртото место, а најдобрите пет ги заокружува „Беркли“.
На Шангајската листа, од поранешните југословенски републики – Словенија, Србија и Хрватска можат да се пофалат со далеку подобри резултати од Македонија. Помеѓу првите петсотини има место за универзитетите во Љубљана, Белград и Загреб. Од регионот, универзитетот во Атина е најдобро рангиран и се наоѓа во првите четиристотини.
Критериумите за вборјување на Шангајската листа варираат и научните достигнувања се клучни. Се смета бројот на добитници на Нобелова награда меѓу поранеши студенти, број на истражувачи кои најмногу се споменуваат во нивните дисциплини и број на публикации во специјализирани списанија.
А, покрај Македонија – на долгата листа не можат да се пронајдат ниту соседните Албанија и Бугарија. Дополнително, според друго рангирање, спроведено од страна на Центарот за рангирање на светски универзитети и објавено пред четири месеци, единствениот македонски универзитет кој се наоѓа на таа листата, „Св. Кирил и Методиј“ забележал пад зa 20 места и сега е на 1.964 место од 2.000 универзитети.
Петар Догов