Спасувачите во Венецуела успеаја денеска да извлечат жив 43-годишен чувар од урнат подрум во местото Катија Ла Мар, со што заврши исцрпувачката повеќедневна спасувачка операција, која стана симбол на надеж по разорните два земјотреси кои ја разорија Венецуела пред осум дена.
Хернан Алберто Гил Флорес беше безбедно извлечен откако од 24 јуни беше заробен под урнатините во подрумот на трговскиот центар „Галеријас Плаја Гранде“ во крајбрежниот град Катија Ла Мар, во сојузната држава Ла Гваира.
Спасувачите првпат воспоставиле контакт со него за време на викендот.
„Кога сфатив дека е жив, тоа беше како зрак светлина во темнината“, изјави неговата сопруга Гусбимар Гонсалес.
Спасувачките тимови кои носеа знамиња од различни земји во светот аплаудираа додека спасувачите го носеа Гил на носилка покриена со портокалова прекривка низ насобраната толпа до амбулантно возило на Црвениот крст.
Гил Флорес, кој работел како ноќен чувар во трговскиот комплекс, се наоѓал во својата мала чуварска куќичка кога се случил првиот силен потрес.
Иако околната бетонска конструкција се урнала околу него, неговата чуварска куќичка останала недопрена, заштитувајќи го од смртоносните урнатини и создавајќи воздушен простор што му овозможил да преживее.
Специјализиран тим од Црвениот крст на Костарика прв забележал знаци на живот и воспоставил контакт со него во неделата.
„Некои луѓе и спасувачки екипи што пристигнаа ни велеа: ‘Вие сте луди, што правите?’ А ние им одговоривме дека можеби сме луди, но никогаш немаше да го оставиме таму“, изјави Мињар Колјадо од спасувачкиот тим од Костарика.
Операцијата беше координирана од урбан тим за пребарување и спасување на чилеанските пожарникари, кои работеа деноноќно заедно со специјализирани тимови од Соединетите Американски Држави, Португалија, Мексико и други земји.
Н.И






