Претседателот на Шри Ланка Готабаја Раџапакса рано утринава побегна од државата заминувајќи со воен авион за Малдивите, само неколку часа пред неговата однапред најавена оставка.
Од военото воздухопловство на земјата потврдуваат дека Раџапакса, неговата сопруга и двајца телохранители се качиле во авион на воздухопловството што одлетал за Мале, главниот град на Малдивите.
Владин извор и лице блиско до Раџапакса веќе соопштија дека Раџапакса е во Мале, а според нивните изјави, претседателот оттаму би требало да замине во друга азиска земја.
Претседателот на Шри Ланка претходно вети дека во текот на денешниот ден ќе поднесе оставка, што се очекува по писмен пат да биде доставена до Парламентот.
Демонстрантите денеска упаднаа во канцеларијата на премиерот на Шри Ланка додека претседателот побегна од земјата само неколку часа пред да поднесе оставка поради катастрофалната економска криза што предизвика сериозен недостиг на храна и гориво.
