Владината Информација за францускиот предлог ќе се разгледува на пленарка и без документите од Преговарачката рамка,што владата не ги достави до пратениците, најави собранискиот спикер. И покрај противењето на опозицијата, да се расправа за толку важно прашање без документи, Џафери ќе закаже седница кога тој самиот ќе одлучи.
Согласно деловникот на Собранието, претседателот ја доставува Информацијата до пратениците во форма во која е добиена и нема надлежност да навлегува во нејзината содржина. Нема деловничка одредба што му овозможува да ја врати до предлагачот. Според процедурата, информацијата што е на дневен ред на пленарна седница се усвојува со донесување на заклучоци за неа, соопштија од Собранието.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека, со испраќањето на нецелосна документација, владата покажува несериозност кон најважното прашање за државата во моментов.
Од владејачкото мнозинство, пак, најавија дека, ќе побараат од владата да ги достави материјалите што недостигаат, иако сметаат дека е доволно што веќе се објавени на владиниот сајт и се на увид на јавноста.
Меѓу документите, сепак ,нема да биде и Протоколот, за кој мнозинството се` уште тврди дека не е потпишан.
И по денешната координација, власта и опозицијата ги повторија истите ставови. Власта дека, Преговарачката рамка не може да се промени и дека заклучоците кои ќе треба да ги донесе Собранието ќе бидат обврзувачки насоки за владата, како да постапува понатаму. Опозицијата, пак, тврди дека, се` уште има простор за промени и дека, заклучоците донесени во Собранието за влада која преговара за меѓувладина конференција, не може да се обврзувачки. Такви примери, велат, имало и порано, се носеле заклучоци и „никому ништо“.
Далиборка Демјанска Цветановска
