Вести Свет

Започнаа внатрепартиските пресметки и превирања кај Ториевците за избор на нов лидер

Превирањата во британската конзервативна партија започнаа, откако секојдневно се појавуваат нови имиња за наследник на Борис Џонсон на лидерската позиција во партијата и премиерската функција во владата. Најновото име е пратеничката и поранешна министерка за родови права и еднаквост Кеми Баденок, а пред неа лидерски амбиции искажаа и јавната обвинителка Суела Брејвман и пратеникот и член на комисијата за надворешни работи Том Тугентат.

Покрај нив се спомнуваат и имињата на поранешниот министер за финансии Руши Сунак, со кого започна серијата оставки која го примора и премиерот Џонсон да се повлече, како и на актуелниот министер за одбрана Бен Волас, но денеска тој соопшти дека нема намера да зе кандидира за лидер.

Иако Волас самиот се исклучи од трката, информациите на британските медиуми велат дека Сунак е сериозен во намерата да се кандидира за лидер на Ториевците, но извори од владата го критикуваа дека го предал премиерот Џонсон, врз чиј грб ја изградил политичката кариера. За познавачите на британската политичка сцена, ваквите превирања, особено кај Ториевците, не се ништо ново.

Заминувајќи едноставно го зграпчувате моментот, и одеднаш изгледате како лидер кој забележал дека нешто не е во ред. Значи, веќе не сте нелојален. Сега сте првата личност која го изјавила очигледното а тоа ви ја дава предноста на првиот потег, вели професорот на Лондонската школа за економија, Тони Траверс.

Аналитичарите очекуваат да се кандидираат најмалку 12 конзервативци за лидер на партијата, меѓу кои со голема доза на увереност ги спомнуваат и поранешниот министер за надворешни работи Џереми Хант, актуелната министерка за надворешни Лиз Трас, како и Саџид Џавид, кој беше првиот што поднесе оставка од владата на Џонсон, и последното именување на поранешниот премиер, најновиот министер за финансии Надим Захави. Експертите очекуваат дека Конзервативната партија овој пат ќе избере различен профил на лидер.

Конзервативната партија најверојатно ќе сака да избере некој кој е помалку возбудлив. Всушност, во споредба со Борис Џонсон, речиси сите кандидати се помалку возбудливи, помалку возбудливи, но компетентни. Мислам дека тоа што во моментов и е потребно е некој кој ќе изгледа компетентен, кој ќе може малку да ја освежи владата, да направи таа да изгледа како понормална конзервативна влада која ја води земјата, оценува Траверс.

Уште колку и Ториевци да се кандидираат, процесот за избор на наследник на Џонсон нема да трае помалку од два месеци, затоа што првата селекција ја прават пратениците на партијата, кои по неколку кругови ќе го сведат бројот на кандидати на двајца. Потоа тие почнуваат внатрепартиска кампања патувајќи до секој локален штаб во внатрешноста, и на крајот ќе бидат организирани внатрешни избори на кои својот глас за еден од кандиатите можат да го дадат сите 120-ина илјади членови на партијата.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЦУК: Сува трева и грмушки горат кај Пробиштип, Куманово и Петровец

Дејан Дејан

Песков: Не е можно замрзнување на конфликтот во Украина

Дејан Дејан

Притвор од 72 часа за македонската државјанка која прегази куче во Црна Гора

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе