Поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе беше убиен денеска во атентат за време на политички собир во градот Нара.
Абе зборувал на собирот, кога напаѓачот му се приближил и испукал 2 истрели кон него со рачно изработен пиштол, погодувајќи го во вратот.
Абе веднаш бил однесен во универзитетската клиника во Нара, каде малку подоцна им подлегна на повредите.
Сегашниот премиер на Јапонија, Фумио Кишида, атентатот врз Абе го нарече варварски и злокобен чин.
„Очајно се молев да преживее, но за жал, моите молитви не вродија со плод, и сега мораме да се соочиме со оваа тажна вест. Немам зборови. Сакам да го изразам моето најдлабоко сочуство.“ – вели јапонскиот премиер Фумио Кишида.
Обезбедувањето го совладало напаѓачот, 41 годишен поранешен припадник на јапонските поморски одбранбени сили, Тецуа Јамагами, кој според очевидците, по пукањето не се ни обидел да избега.
Поранешниот премиер имал неколку телохранители, но никој не се обидел да го запре убиецот, кој успеал да му се приближи на само неколку метри и да го застрела во грб.
„Особено бидејќи се случи на раскрсница. Луѓето се собираат околу вас, што значи дека му немало спас на г-динот Абе. Вината апсолутно лежи кај Либералната демократска партија, што го натерала да држи предизборен говор овде.“ – вели Такуја Хашимото, жител на Нара
Сѐ уште е непознат мотивот зад атентатот над Абе. За време на распитот во полицијата, напаѓачот Јамагами изјавил дека бил незадоволен од поранешниот премиер, но немал ништо против неговите политички убедувања. При претресот на неговиот дом, полицијата пронашла и неколку експлозивни направи.
Атентатот ја потресе Јапонија, која се смета за една од најбезбедните држави во светот. Вооружените инциденти во земјата се исклучително ретки, а уште поретки се пак инцидентите на политичко насилство.
Абе премиерската функција ја извршуваше во два наврати, беше премиер една година во 2006 година, и потоа повторно во 2012 година. Пред две години Шинзо Абе предвреме се повлече од премиерската функција поради здравствени причини.
Игор Трајков
