Под мотото „Ултиматум – Не благодарам“ и вечерва, овој пат мирно и без инциденти, се оддржа шестиот протест против францускиот предлог за отстранување на бугарското вето и почнување пристапни преговори со ЕУ. Причина за протестите е револтот на граѓаните кои сметаат дека францускиот документ е штетен за државата и националните интереси.
Вечерва ѓраѓаните повторно се собраа пред Владата, од каде маршот продолжи преку Министерството за правда, и заврши пред Собранието.
Протестот почна пред Владата, по што учесниците се упатија пред Министерството за правда и зградата на Собранието, каде доцна попладне Владата ја испрати предлог преговарачката рамка, но седница не е закажана. Како и во изминатите денови од протестот учесниците бараа оставки и отфрлање на предлогот и се пееја патриотски песни.
Нашата последна црвена линија е Уставот, рече Ивица Боцевски, кој се обрати на собирот, порачувајќи им на лидерите на опозициските партии дека тие се последниот бедем на македонскиот народ и државност, а собраниот народ на протестот ќе биде нивна заштита и ќе ги поддржи да опстојат за да нема никаква промена на Уставот која ќе ги земе предвид бугарските барања.
Лажеа дека не преговараат, го преговарале овој документ и оваа преговарачка рамка ја преговарал Премиерот Ковачевски, Претседателот Пендаровски, ја преговарале Маричиќ и Османи. Не гледаа во очи и не лажеа дека не преговарале, не лажеа дека не го виделе документот. Го знаат од точка до запирка, рече Боцевски.
Актерот Сашо Тасевски на протестот „Ултиматум – НЕ Благодарам“ истакна дека францускиот предлог содржи бугарски шовинистрички антимакедонски помии, порачувајќи дека истиот го носи македонскиот народ кон обезличување.
НЕ за бугарски шовинистрички антимакедонски помии, кои ги прошверцуваа во разни европски француски предлози и договори кои треба да го однесат македонскиот народ по патот на обезличувањето, а можеби и исчезнувањето. Еве им порака до нив и до Бугарите: од Македонец Бугар НЕ БУДУВА и во најлошиот кошмар, дециден е Тасевски.
















