Одбивањето на Литванија да дозволи премин на некои стоки кои се предмет на европски санкции до руската балтичка ексклава Калининград може да доведе до воена конфронтација, изјави денеска висок руски пратеник, пренесе Асошиетед прес.
Доколку Калининградската област биде блокирана, „ова може да доведе до вооружен конфликт“, изјави Владимир Џабаров, член на Советот на Федерацијата (Горниот дом на рускиот парламент).
„Руската држава мора да ја брани својата територија и да ја обезбеди нејзината безбедност“, рече тој, додавајќи: „Ако видиме дека заканата за нашата безбедност е поврзана со територијална загуба, ние сигурно ќе преземеме екстремни мерки и ништо нема да не спречи“.
Изјавата на Џабаров уследи по предупредувањето на Кремљ дека ќе одговори на наметнатите ограничувања за транзит на стоки во регионот Калининград. Ексклавата на Русија се граничи со Полска и Литванија, членките на ЕУ и НАТО, што ги зголемува стравувањата од директна конфронтација меѓу Русија и Алијансата.
Литванија нагласи дека забраната за транзит на санкционирани руски стоки е дел од четвртиот пакет санкции на ЕУ, потсетувајќи дека ограничувањата се однесуваат само на челикот и другите метали. Таа го отфрли тврдењето на Русија дека забраната за преминување на оваа стока е блокада, нагласувајќи дека другата стока, како и патниците кои патуваат со воз, сепак може да минуваат низ земјата.
Сепак, во врска со европската одлука, од јули ќе биде забранет транзитот на некои други стоки произведени во Русија. Пратките на јаглен нема да можат да транзитираат од август, а пратките на нафта и производи од нив – односно од декември.
Претходно овој месец, секретарот на рускиот совет за безбедност Николај Патрушев предупреди дека Москва ќе одговори со неодредени мерки кои „ќе имаат значителни негативни последици за населението во Литванија“.
