Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија најостро ги осудува написите “Македонија е бугарска”кои можеа да се видат во рацете на дел од пратениците за време на заседанието за првата точка на Народното собрание на Република Бугарија, но и усмено пренесени од говорница, за време на истата седница.

Македонското Министерство за надворешни работи бара од официјална Софија да ги осуди експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Северна Македонија како непримерен акт кон соседна пријателска држава, соопшти МНР.

„Таквите пораки се противни на европските демократски вредности, но и противни на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и не придонесуваат во негувањето на принципите и духот на Договорот. Република Северна Македонија очекува официјалните претставници на Бугарија да го осудат експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Северна Македонија како непримерен акт кон соседна пријателска држава“, велат од МНР.

Македонија очекува официјалните претставници на Бугарија да го осудат експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Македонија, како крајно непримерен акт кон соседна пријателска држава.

Министерството за надворешни работи на Македонија врачи соодветна вербална нота со оваа содржина до бугарското Министерство за надворешни работи.