Интерпелацијата за спикерот Талат Џафери пристигна во кабинетот на Талат Џафери. Тој може да почне да го подготвува писмениот одговор, за што има 15 дена.
И да достави и да не достави одговор, по половина месец интерпелацијата треба да се најде на првата собраниска седница.
Сепак Деловникот не прецизира во колкав рок од поднесувањето на интерпелацијата, таа ќе биде расправана и гласана на пленарна седница.
ВМРО ДПМНЕ оценува дека Џафери работи неделовнички и нестручно, самиот отфрла опозициски амандмани, ограничува право на говор, ги навредува собраниските служби, а кулминација гледа во заклучените врати на собраниската сала минатата недела.
Тој објаснува дека се работи за неопходно утврдување на бројот на присутни, на што има право како претседател.
И денешната седница покажа дека мислењата по ова прашање им се разидуваат.
Не се очекува интерпелацијата да добие мнозинска поддршка. Владеачките СДСМ и ДУИ сметаат дека се работи за еден од подобрите претседатели на Собранието, а БЕСА и Алијанса сосема спротивно.
Првото соочување на Џафери со опозициските пратеници ќе биде во понеделник, кога е закажана Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
На дневен ред е аудио-снимката на која спикерот со груби зборови им се обраќа на службите, а тој објасни дека од нив барал одговорно извршување на задачите.
Ова е втора интерпелација за Џафери. Лани во јули ВМРО ДПМНЕ и Левица му поднесоа поради говорот на албански јазик на самитот Европски Парламент-Западен Балкан.
Таа никогаш не дојде на дневен ред.
Соња Николовска
