Вести Свет Топ вести

Финска и Шведска побарааа членство во НАТО – околу 1000 Украински војници од Азовстал се предадоа на Русите

Еден од главните изговори за руската инвазија на Украина, беше ставот на Путин дека НАТО се повеќе се приближува до границите на руската федерација и претставува опасност за безбедноста на државата.

Речиси 3 месеци по почетокот на воените дејствија, руската војна во Украина само може дополнително да ја засили Северно-атлантската алијанса.

Традиционално неутралните Финска и Шведска, загрижени заради руските воени дејствија, сега и официјално побараа да бидат членки на НАТО.

„Ова е добар ден во критичен момент за нашата безбедност. Ви благодарам заради предавањето на апликациите за членството на Финска и Шведска во НАТО. Секоја нација има право да го избере својот пат. Вие го направивте изборот низ демократски процеси и јас топло ги поздравувам барањата на Финска и Шведска за членство во НАТО“ – изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Барањата на Финска и Шведска сега мора да бидат разгледани и поддржани од 30-те земји членки.

Процесот се предвидува дека ќе трае околу 2 недели, но засега проблем претставува заканата на Турскиот лидер, Реџеп Таип Ердоган, дека ќе го блокира приемот на двете балтички држави во Алијансата заради нивната наводна поддршка на Курдите.

На фронтот во Украина, вниманието на светската јавност е насочено кон речиси целосно уништениот град во јужна Украина, Мариупол, каде вчера започна предавањето на последните Украински бранители во челичарницата Азовстал.

Битката за овој град сега конечно заврши и со неговото освојување, Русија го обезбеди долго посакуваниот коридор по земја од Крим кон териториите под контрола на про-руските сепаратисти во Донбас.

Иако Украинците и западните медиуми го користат терминот „евакуација“, очигледно станува збор за предавање на последните Украински војници од озлогласениот баталјон Азов.

Речиси 1000 Украински борци кои се криеле во индустрискиот комплекс Азовстал во Мариупол сега се предале, соопшти Руското министерство за одбрана.

Надвор од семантичката дебата дали станува збор за предавање или евакуација, крајно неизвесна е и судбината на овие војници. Украинската влада ги опишува како херои на државата и се надева дека ќе биде возможна нивна размена за руските воени заробеници.

Но од Москва доаѓаат поинакви сигнали. Спикерот на Думата Вјачеслав Володин, најави дека тие треба да се сметаат за воени злосторници и терористи. Батаљонот Азов и неговите врски со радикалната десница во Украина, шефот на руската држава Путин ги искористи и како изговор за својата теза за денацификација на Украина, па не се исклучува ниту можноста дел од нив да бидат изведени пред рускиот суд, како доказ за воените победи на официјална Москва во соседната држава.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Европската централна банка ги одржува каматните стапки непроменети поради флуктуациите на цените на нафтата

Kristina Kuzmanovski

ВЛЕН: Дали случајот со водата во Гостивар излегува како случајот со канализацијата во Зајас?!

Дејан Дејан

СДСМ: Организираната криминална група ВМРО ќе ја отруе цела Македонија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе