Вести Македонија

Македонија напредува во делот на медиумските слободи, но сè уште спаѓа во „проблематични земји“ – млади новинари и вложувања има сè помалку

Во регионот зад Хрватска и Словенија, а пред Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Србија. Извештајот на „Репортери без граници“ ја позиционираше земјава на 57 место според Индексот на слобода на медиумите.

И покрај скокот од цели 33 места на оваа табела, Македонија спаѓа во категоријата „проблематични земји“ и сè уште има многу работа за да напредува во делот на медиумската слобода.

Проблемите се бројни, а еснафските здруженија и политичкиот врв се осврнаа на главните прашања.

Потребни се законски измени за да се разрешат бројните случаи на напади на новинари, но и институциите да почнат да реагираат.

„Ги поддржувам предлозите за измени на Кривичниот законик, иницирани од страна на Здружението на новинарите и на новинарскиот Синдикат, со кои се предлага нападите врз новинарите и медиумските работници да се третираат како кривични дела кои ќе се гонат по службена должност, со предвидени повисоки казни за престапниците. Ги повикувам и надлежните институции навреме да реагираат и да ги процесуираат случаите поврзани со напади, заплашување или загрозување на безбедноста на медиумските работници и на тој начин да придонесат за нивна системска заштита“ изјави Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија.

Фелата е доведена во ситуација да има дефицит од млади новинари и сниматели. Факултетските клупи се сè попразни и интересот за овие важни професии опаѓа.

Причините се бројни, а од Самостојниот синдикат ги потенцираат главните.

„Ќе искористам една парола која пред два дена ја употребивме во нашата герила-акција. Натпросечен притисок – потпросечни плати. Во оваа парола се состои целата суштина на состојбата во која се наоѓаат медиумските работници. Според истражувањата на Синдикатот, слушајте добро: дури две третини од новинарите и медиумските работници примаат потпросечна плата. Една третина од тој корпус е со плати од 18 до 22-23 илјади денари“ изјави Павле Беловски, претседател на ССНМ.

Во Македонија има и недостиг од квалитетна медиумска содржина, документарци, емисии, и националните, но и на локалните медиуми, нотира претседателот на Здружението на новинарите.

Потребни се правилни политики, но и повеќе вложувања.

„Како фела сме обединети и во барањето за формирање на независен национален фонд за создавање на медиумски содржини. Професионалното новинарство чини, добрата информација чини – време, труд, размислување, пари. Никогаш не сме кукале ниту барале државни фондови и нема тоа да го правиме“ изјави Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.

Во пошироки рамки, Норвешка остана на врвот на Светскиот индекс за слобода на печатот во Европа.

Извештајот на „Репортери без граници“ ја проценува состојбата на новинарството во 180 земји и територии и укажува на катастрофалните ефекти на глобализираниот и нерегулиран онлајн информативен простор каде што најмногу се шират лажните вести и пропагандата.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ФОТО/ВИДЕО: Превртен автомобил на Партизанска во Скопје

Дејан Дејан

Кој со кого ќе коалицира и кои се црвените линии на албанските партии за учество во новата влада

Дејан Дејан

Ковачевски: Разговараме со партии на повеќе нивоа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе