Вести Македонија

Втор ден од протестот на УПОЗ, се уште нема покана за средба со Владата

Нашите барања се повеќе од правични, немаме никаква информација од Владата и се уште немаме покана за средба со нив. Податоци што вчера ги објави Државниот завод за статистика кажуваат дека мораме да седнеме што побрзо и да најдеме решение, бидејќи оние изјави на Владата дека ако дадат плати на вработените во јавен сектор, инфлацијата ќе порасне не се точни, порача претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски на вториот ден од предупредувачкиот протест на вработемите во државната администрација.
– Гледаме дека инфлацијата веќе во големи проценти расте. Растат цените на основните производи за живот, расте млекото, растат јајцата, расте лебот, баш оние производи за коишто ние бараме плати да можеме да ги купиме и да ги однесеме дома. Не бараме плати за луксуз, не бараме плати за ништо друго, бараме плати за достоен живот, изјави Деаноски.

Тој оцени дека излезноста во текот на вчерашниот ден била повеќе од доволна, а за денеска најави дека очекуваат уште поголем одѕив.

– Имавме излезност од сите вработени и членови и не членови на синдикатите. Ја препознаа вработените пораката на Синдикатот на УПОЗ, ја препознаа правичноста и праведноста позади таа порака и позади тие барања што заедно ги имаме со ССМ. Имавме одредени притисоци вчера, денеска нема сега засега, се уште ни немаат пријавено за некакви притисоци, рече Деаноски.
Овие вработени што ги гледате зад нас, додаде тој, и денеска ќе добијат плата под минималната, бидејќи не се изменети последните закони.

– Вработените зад мене две години земаат под минимална плата, не само 18.000, туку и кога беше минималната плата 15.194 добиваа 14.500 денари. Од Министерството за финансии велат ние гледаме дали некој ќе земе денар плус, ако зема плус ја прекинуваме платата, ако земат под минимална плата нас не ни е гајле. Законот за минимална плата важи за сите вработени во државата и не може да сепарираме приватен од јавен сектор. Кој ќе ја казни државата сега – инспекции ќе праќаме во приватниот сектор и ќе им даваме глоби на фирмите, а кој ќе ја казни државата. Државата пак си одлучува да не ги почитува законите што ги носи. Кажа и претседателот на ССМ вчера спремни се претставки до инспекторатите надлежни за таа проблематика – колку ќе успеат да ја казнат инспекторите државата ќе видиме, порача Деаноски.

Во врска со изјавите што вчера ги даде премиерот Димитар Ковачевски за минималната плата, Деаноски рече дека не треба да се даваат изјави преку медиуми.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски порача дека денеска се разбудивме со нова минимална синдикална потрошувачка кошничка зголемена за 920 денари, која, како што рече, во моментов изнесува 36.687 денари, а во јануари беше 35.811 денари.

– Тоа јасно покажува дека е неопходно што побрзо да се случи линеарно зголемување на сите плати како што бараме ние од ССМ за да не биде обесправен ниту еден работник. И покрај што се ограничени маржите на основните производи, синдикалната потрошувачка кошничка со податоци издадени од Државниот завод за статистика ни кажува сосема спротивно. Инфлација има, но мора да му се помогне баш на работникот во оваа инфлаторна криза, потенцира Димовски.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Макрон: Условите во Жиронд се „многу тешки“ – се соочуваме со настани што никогаш порано не сме ги доживеале

Дејан Дејан

Трамп гледа голема шанса нешто да се случи во разговорите со Иран, но Техеран тврди дека пораките сè уште се разменуваат преку посредници

Дејан Дејан

СДСМ: Сега Мицкоски бара експерти за вода – Во нормална држава тие би биле прашани од првиот ден

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе