На 17-ти април нема да се одржат изборите за градоначалник во општината Маврово-Ростуше. ДИК и официјално ја запре постапката за избор на градоначалник бидејќи нема пријавено ниту еден кандидат. Минатата недела кандидатот на СДСМ Медат Куртовски ја повлече својата кандидатура бидејќи нема противкандидати, а ВМРО ДПМНЕ најави дека нема да учествува на избори закажани без консултација со нив. На редовните локални избори во октомври минатата година, гласањето беше прогласено за неуспешно бидејќи одзивот на гласачите не достигна 30 одсто. И изборите во април ќе беа ризични бидејќи се работи за печалбарска општина во која голем број жители заведени во Избирачкиот список се иселени во странство.
На јавна седница, ДИК едногласно и без расправа одлучи дека нема потреба од трошоци за организирање избори во ситуација кога до истекот на рокот, во Општинската изборна комисија не пристигнала ниту една кандидатура.
На 17-ти април ќе се гласа за избор на градоначалник во општината Центар Жупа. Во согласност со Роковникот, во петок се заклучува Избирачкиот список за оваа општина, а во понеделник на 28-ми март почнува изборната кампања во која учествуваат двајца кандидати: Ариан Ибраим од Турската демократска партија и Шаин Шаќир од Движењето за национално единство на Турците.