Вести Свет

Русија бомбардираше цели во јужна и источна Украина, погодено училиште во Мариупол со 400 цивили во него

Руските сили бомбардирале уметничко училиште во Мариупол во кое се засолнувале 400 лица, обвинија украинските власти. Училиштето е во непосредна близина на театарот, бомбардиран пред 5 денови, и под чии урнатини сѐ уште има заглавено стотици цивили. Спасувачките операции се отежнати поради борбите меѓу двете армии во Мариупол кои веќе неколку денови се водат на улиците на градот, додека времето за цивилите истекува. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека историјата ќе го запамети Мариупол како град каде биле извршени тешки воени злосторства.

Опсадениот Мариупол ќе биде запаметен во историјата на извршени воени злосторства. Да му се направи тоа што окупаторите го направија на тој мирен град е терор кој ќе биде запаметен за навек. И колку повеќе Украинците зборуваат за тоа пред светот, толку повеќе поддршка наоѓаме. Колку повеќе Русија користи терор против Украина, толку потешки ќе бидат последиците, порача Зеленски.

Русија повторно бомбардираше цели во Украина со крстосувачки ракети од бродови во Црното и Каспиското Море, и лансираше суперсонични ракети од воздушниот простор на Крим, соопшти денеска руското Министерство за одбрана. Москва тврди дека во нападите уништен бил „главниот извор на гориво за украинските оклопни возила“ распоредени на југот на земјата, како и фабрика во градот Нижин, која ги поправа украинските оклопни возила оштетени во борбите.

Во Миколаив продолжува потрагата по преживеани војници под урнатините на воената база во градот, која беше бомбардирана во петокот. Според украинските власти најмалку 40 војници загинале во нападот, а тие кои го преживеале сведочат за трауматично искуство.

Продолжуваат да гинат за Украина поради едно глупаво џуџе кое сакаше војна, сакаше врз нас да ги тестира своите нови оружја. Не сакам да зборувам за тоа, не сакам да плачам, но понекогап емоционалниот удар е претежок, изјави украинскиот војник Александар.

Во меѓувреме, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, чија земја изминатите две недели изби како ефикасен посредник во преговорите меѓу Русија и Украина, оцени дека двете земји ги приближуваат позициите околу 4 клучни барања и изрази надеж дека договор ќе биде постигнат. Зборувајќи на ситата тема, и Зеленски оцени дека преговорите се тешки, но и неопходни.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во урнатините на Кан Јунис пронајдени 392 мртви тела

Дејан Дејан

Новинарите во Србија подлегнуваат на самоцензура поради закани

Дејан Дејан

Како се трошат милиони: Десет од избирачки одбор пребројувале 7 гласови и чекаат втор круг на далечниот исток

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе