По четири години затворска казна за креаторот и модераторот на групата групата „Јавна Соба“, пресуди денеска скопскиот кривичен суд.
Дарко Костовски и Михаил Паневски беа обвинети за производство и дистрибуција на детска порнографија бидејќи дозволиле во групата да биде постиран видео запис со секусално злоставување на дете не постаро од пет години.
Според судијката Билјана Коцевска, двајцата биле должни да се грижат за содржината на сликите видео и аудио записите кои се постираат во групата а тие тоа не го сториле и со умисла дозволиле да биде достапна содржина со очигледни полови дејства со дете.
Образложувајќи ја пресудата Коцевска наведе дека во телефоните на обвинетите се најдени докази дека побарале помош од сервисната поддршка на апликацијата „Телеграм“ за бришење на групата, но и дека знаеле за видео записот бидејќи разменувале пораки околу возраста на жртвата.
Во телефонот на Костовски биле најдени над 102 илјади слики и видео записи кои биле споделувани во „Јавна Соба“ а кај модераторот Пановски 17 илјади.
Адвокатите на обвинетите најавија жалба на пресудата иако истакнаа дека им е изречена минималната предвидена казна.
До правосилност на пресудата двајцата остануваат во куќен притвор.
Неколку месеци по затварањето на оваа група, на „Телеграм“ се појави нова – „Јавна Соба 2“ која за кусо време беше затворена но која исто така имаше илјадници членови и илјадици фотографии и видео записи од недолжни жртви. Во Јавното обвинителство предистрагата за овој случај е блокирана бидејќи од апликацијата „Телеграм“ одбиваат да ги предадат податоците преку кои би се утврдил идентитетот на креаторите, администраторите и членовите на групата а нема одговор ниту од меѓународната помош која ја побарале.
Скандалот со „Јавна Соба“ иницираше низа протести во кои се бараше измени на Кривичниот законик и воведување на далеку построги казни.
Огнен Чанчаревиќ
