Штипската Клиничка болница се гради пет години, а досега главниот изведувач грчки Интеркат има завршено ниту една третина, односно 31%. Од Министерството за задрвство за Телма информираат дека досега се исплатени 11,3 милиони евра, а изведувачот веќе доби нов рок до декември годинава да ја заврши оваа фаза што требаше да биде готова пред три години. Исплатите кон изведувачот се направени во декември лани и кон средината на јануари годинава. Според Министерството за здравство од страна на изведувачот се работи во објектот, кој треба да биде современ болнички центар за пациентите од источниот и југоисточниот дел на државата.
„На објектот на КБ Штип работат до 100 работници на дневно ниво и активно се работи на поставување челична конструкција, поставување спуштен плафон во објект на линеарен акцелератор, како и завршни работи на фасадата и други технички градежни активности“, пишува во одговорот на Министерството за здравство
Според Министерството за здравство крајниот рок за завршување на целиот објект е крајот на јуни 2023-та. Проектот опфаќа и уривање и повторна изградба на помал објект што треба да се поврзе со новоизградената болница на просторот каде сега се наоѓа лабараторија и рентген. Но, со оглед на динамиката на реализација и повлекувањето на Банката при Советот на Европа тешко дека ќе биде испочитуван. Изградбата на болницата треба да чини 30 милиони, а за дореализација остануваат да се обезбедат 19 милиони, овие средствата треба Владата да ги обезбеди.
Викторија Јованова
