Вести Македонија Топ вести

Не било меѓудржавен туку семеен инцидент: Екс-сопругата на секретарот на Културниот центар „Ванчо Михајлов“ го скршила стаклото на цвеќарницата кај битолските гробишта

Нова „романтика“ во македонско-бугарските односи. Кршење на киоскот за свеќи и цвеќиња кај битолските гробишта (сопственост на секретарот на Културниот Центар Ванчо Михајлов) не билo предизвикана од омраза туку поради нерасчистени семејни односи на секретарот Благој Шаторов и неговата поранешна сопруга. Таа се вознемирила затоа што Шаторов ја оставил малолетната ќерка дома на трето лице и заминал на церемонија во Скопје на денот на раѓањето на Гоце Делчев каде го претставувал клубот Ванчо Михајлов.  

Поранешна сопруга на член на Културниот центар „Ванчо Михајлов“ од Битола, го демолираше објектот каде тој продава цвеќиња и свеќи кај Светонеделските гробишта, а оваа расправија малку недостигаше да заврши како македонско-бугарски инцидент.

Вчера Културниот центар „Ванчо Михајлов“ скршеното стакло на киоскот сопственост на секретарот на здружението, се обиде да го прикаже како криминален и вандалски чин, па дури и да се посомнева дека зад овој настан се крие нешто друго.

Но, дилемата ја разреши поранешната сопруга која на социјалните мрежи призна дека таа го скрши стаклото на објектот, а  полицијата денес потврди дека сторителот е веќе откриен.

„Полициски службеници презеле мерки и било утврдено дека сторител е неговата поранешна сопруга, која во службен разговор со полициски службеници во Полициската станица Битола го признала делото и појаснила дека го сторила поради нивни недоразбирања. По целосно документирање на случајот против неа ќе биде поднесена пријава по член 243 од Кривичниот законик“ се наведува во соопштението од СВР Битола.

Од Културниот центар Ванчо Михајлов, вчера за демолирањето на киоскот на нивниот секретар се пожалија на социјалните мрежи, а настанот покрај во полиција го пријавија и во дипломатските претставништва.

„Направена е пријава до надлежните органи во СВР Битола, се надеваме сторителите да бидат откриени и санкционирани во најбрз можен рок! Паралелно случајот е пријавен во Генералниот конзулат  на Република Бугарија во Битола. Повторно се налага да си поставиме прашање дали е тоа само вандалски и криминален акт или станува збор и за нешто друго!“, напишаа на ФБ од културниот центар „Ванчо Михајлов“ (07.02.2022)

Инаку за  Културно центар „Ванчо Михајлов“ јавноста дозна  лани во март со писмата кои од ова здружение ги упатија до бугарскиот  државен врв, но и меѓународните органзиации,  со поплаки дека се соочуваат со бугарофобија во Македонија и стравуваат слободно да се изјаснат како Бугари. Деновиве на објект во строгиот центар на Битола, на улицата Рузвелтова, на десетина метри од Широк Сокак, осамнаа рекламни табли со натпис Културн клуб „Ванчо Михајлов“, каде најверојатно ќе бидат канцелариите на здружението

Емилија Мисирлиевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кои се пратениците кои ќе му се придружат на Мицкоски?

Дејан Дејан

 „ Парови “ во Драмски театар, за љубовта како жртва на проекциите на луѓето за себе си

Дејан Дејан

Израел одговара пред Меѓународниот суд на правдата за геноцид- Јужна Африка бара судот да нареди прекин на огнот во Газа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе