Македонија Топ вести

Петков со укажување до бугарскиот и македонскиот претседател

Бугарскиот премир, Кирил Петков, им фрли ракавица в лице на претседателите на Бугарија и на Македонија, Румен Радев и Стево Пендаровски, на првиот за ставот дека посета на Петков на Македонија била избрзана, а на Пендаровски за неговата средба со претставниците на ОМО „Илинден“ – Пирин.

Убаво е што надворешната политика на Северна Македонија и на Бугарија зависат од премиерот и од владата, изјави Петков.

Радев само неколку часа претходно го укори бугарскиот премиер дека избрзал со посетата на Македонија, ставајќи го тоа во контекст на средбата која набрзо потоа ја имаше шефот на македонската држава со претставници на ОМО „Илинден“ – Пирин и други здруженија на Македонци од Бугарија.

Во однос на тоа, секое избрзано дејство на бугарската влада, секој првичен позитивен сигнал, гледате дека може погрешно да се толкува, како некаква отстапка од бугарската страна. Сметам дека посетата на премиерот беше избрзана, рече Радев.

Петков на ова не му остана должен одговор. Му порача на Радев дека посетата не била избрзана, туку многу задоцнета.

Вистината е дека ние загубивме 30 години во тие односи. Не само што не е избрзана, туку таа беше ужасно многу задоцнета. Не јас како Кирил Петков, како премиер, таа беше задоцнета за бугарската страна да има активна позиција, да има конструктивен тон на дејствие, да има јасни цели и точен пристап, му порача Петков.

Петков притоа изрази жалење што толку години биле пропуштени, додавајќи дека не можел да дозволи ни ден повеќе одлагање на посетата, се со цел Балканот преку промовирање на добрососедство и заедничка работа да престане да биде најсиромашниот, најнекоординираниот и најкорумпираниот регион во ЕУ.

Не може да се карате со соседот и да сметате дека е тоа добра идеја, рече Петков.

Петков возвраќајќи му на Радев, посредно го искритикува и македонскиот претседател Пендаровски, иако не сакаше директно да ја коментира неговата средба со Македонците од Бугарија. Петков запрашан дали неговиот оптимизам по прашањето на Македонија е реален со оглед на средбата која Пендаровски ја имал со ОМО „Илинден“ – Пирин, вели дека сѐ уште има многу сили кои ќе се обидат да го спречат тој процес, а без кои двете земји одамна ќе биле во добри односи. Според Петков, има многу сили на Балканот кои не сакаат Македонија да биде дел од Европската унија.

Телма побара став од Кабинетот од претседателот Пендаровски на ваквите коментари на Петков.

Претседателот Пендаровски смета дека секоја институција во двете држави треба да даде свој придонес во надминувањето на отворените прашања и во таа насока е посветен за зајакнување на дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија, стои во одговорот од Кабинетот на претседателот.

Притоа се наведува дека Македонија е насочена кон развивање на добрососедски и пријателски односи со Бугарија, во духот на Договор за добрососедство од 2017 година.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВЛЕН: Дали случајот со водата во Гостивар излегува како случајот со канализацијата во Зајас?!

Дејан Дејан

СДСМ: Организираната криминална група ВМРО ќе ја отруе цела Македонија

Дејан Дејан

Водата во Крушево не е бактериолошка исправна – Центарот за јавно здравје Прилеп препорачува да не се користи за пиење

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе