Скалите ќе останат празни и вратите заклучени уште две недели. Учениците ќе се вратат во училишните клупи во вторник ама на први февруари.
Дополнителниот распуст е принуден, заради Ковид-состојбата во земјава и наглиот пораст на бројот на заболени.
Препораката е на Главниот координативен кризен штаб и усвоена на Влада доцна вечерта, неколку часа откако Комисијата за заразни болести на состанок не донесе иста таква препорака.
Во нормални, вонпандемиски околности учениците уште утре ќе беа на распуст, а од задутре веќе назад во училишните клупи. Сепак, и покрај пролонгирањето на почетокот на второто полугодие – учебната година ќе заврши вообичаено, на 10 јуни.
Родителите сè уште се поделени по многу прашања поврзани со училишните обврски на децата.
Додека едни се противат на носењето маски во училниците, други бараат онлајн-настава – некои ја сфаќаат сериозноста на ситуацијата и сметаат дека е оправдана одлуката за одложување на почетокот на второто полугодие.
Препознаваат и потреба за тестирање на децата и повторно изведување на некаков скрининг штом тие се вратат во клупите.
„Како ќе каже фелата, како ќе кажат докторите – така треба да биде.“
„Ризично е, навистина е ризично. Можеби нема да се смени нешто и понатаму ама сега во моментов добро е што го одложија почетокот на второто полугодие.“
„Добро ќе биде да нè тестираат ама не знам како ќе одлучат директорите и Министерството. Сепак не знам ниту колку ќе биде тоа ефективно, но би било убаво да нè тестираат сите. Инаку, мислам дека во ситуацијава подобро е онлајн-настава, но заради социјализацијата подобро е да одиме биде со физичко присуство.“
Голем број на средни училишта во Скопје се под ингеренција на градската администрација, а градоначалничката Арсовска не одговори конкретно дали стравува дека и две недели ќе бидат доволни за да се смири состојбата и без проблем да се одвива наставата во нив.
„Секако, во ниту еден случај не треба да си дозволиме ниту здравјето, ниту животот на сите граѓани, а првенствено тука мислам на децата, не смеат да бидат доведени во опасност или пак да бидат загрозени од она коешто се случува од пролонгираното траење на Ковид-пандемијата“ изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Во меѓувреме од Министерството за здравство на чело со новиот министер Беким Сали, не одговорија на прашањата на Телма – каков е планот на здравствените власти и дали ќе се врши тестирање на учениците за да се следи реалниот тек на состојбата и да се оцени ризикот од ширење на заразата во училиштата.
Петар Догов
